ЗДРАВЈЕ

Една романтична навика ви го уништува сонот

Спиењето во прегратка со партнерот се доживува како знак на љубов и блискост, но експертите предупредуваат дека оваа навика може сериозно да го наруши квалитетот на одморот. Иако сликата на прегрнат пар е идеализирана во културата, прегрнувањето во текот на целата ноќ може да биде пречка за длабок сон.

Хуан Натекс, експерт за спиење од компанијата „Nattex“, тврди дека спиењето во прегратка е „најлошото нешто што можете да го направите ако сакате добро да се одморите“.

„Сите ќе ви кажат дека тоа помага за опуштање и поквалитетен сон, но тоа е само дел од приказната. Реалноста е дека во текот на ноќта сите се движиме и ги менуваме положбите. Тие движења влијаат врз одморот на другата личност и го нарушуваат длабокиот сон, дури и ако наутро не се сеќавате на тоа“, објаснува тој.

Натекс додава дека спиењето во ист кревет со партнерот не е лоша идеја, но дека прегрнувањето во текот на целата ноќ може да биде проблематично.

„Постојат две решенија за спиење во пар. Првото е спиење во одделни кревети. Второто, кое го препорачувам, се големи кревети со независни зони. Тоа значи дека можете да се движите без да му пречите на партнерот, бидејќи душекот е дизајниран да ги апсорбира движењата. Партнерот може слободно да се движи, без да ве разбуди“, вели Натекс.

Зошто прегрнувањето го нарушува сонот?

Експертот објаснува дека човечкото тело не е создадено да остане неподвижно со часови. Во текот на спиењето природно ја менуваме положбата за да го намалиме притисокот врз мускулите и зглобовите и да ја поттикнеме циркулацијата.

Кога спиеме во прегратка, овие движења се ограничени бидејќи едната личност потсвесно се обидува да не се поместува за да не го разбуди партнерот.

Таквото ограничување често предизвикува вкочанетост на мускулите, болки во грбот или вратот, како и краткотрајни будења што го прекинуваат сонот, а притоа можеби воопшто не сме свесни дека се случиле.

Друг проблем е телесната топлина. Постојаниот физички контакт ја зголемува телесната температура. На почетокот тоа може да биде пријатно, но истовремено го попречува важниот процес за квалитетен одмор – намалувањето на телесната температура, кое е неопходно за премин во фазата на длабок сон.

Кога телото се прегрева, сонот станува поплиток и помалку закрепнувачки, а последицата е замор во текот на следниот ден.