ЗДРАВЈЕ

Еден вид леб е одличен избор за здраво стареење

Лебот може да биде дел од урамнотежената исхрана и во постарата возраст, но не сите видови се подеднакво хранливи. Три нутриционистки за магазинот „Health“ издвоиле еден вид леб како особено добар избор за здраво стареење поради содржината на растителни влакна, протеини и други важни хранливи материи.

Станува збор за леб од никнати интегрални житарки, кој се подготвува од цели зрна што почнале да ’ртат пред да бидат преработени. Овој процес може да го олесни варењето и да ја подобри искористливоста на одредени хранливи материи.

„Лебот од никнати интегрални житарки се издвојува како добар избор за здраво стареење бидејќи ’ртењето ја подобрува достапноста на хранливите материи“, објаснила нутриционистката Алиса Симпсон.

Растителните влакна и протеините се важни за здраво стареење

Нутриционистката Лиса Ендрус истакнува дека лебот од никнати житарки може да се подготвува и со мешунки, со што се зголемува неговата содржина на протеини. Ваквите комбинации можат да ги обезбедат сите девет есенцијални аминокиселини што му се потребни на организмот.

Протеините се особено важни во постарата возраст бидејќи помагаат во зачувувањето на мускулната маса, додека растителните влакна придонесуваат за здраво варење.

Нутриционистката Кејти Хедли објаснува дека лебот од никнати интегрални житарки обично содржи повеќе растителни влакна и протеини отколку лебот направен од рафинирано брашно. Овие хранливи материи придонесуваат за подолго чувство на ситост и за регулирање на шеќерот во крвта.

Како уште еден добар избор, нутриционистките го издвојуваат интегралниот леб подготвен со природна ферментација, односно лебот со кисело тесто.

„Ферментацијата може да ја подобри подносливоста на лебот“, рекла Симпсон.

Хедли додала дека живите бактерии не преживуваат при печењето, но процесот на ферментација сепак може да го олесни варењето кај некои луѓе.

При изборот на леб, нутриционистките препорачуваат производи од интегрални житарки, богати со растителни влакна и протеини, со што е можно помала количина додаден шеќер.