СВЕТ

ЕЦБ сака дигиталното евро да се користи широко уште од неговото прво издавање

Европската централна банка (ЕЦБ) сака потрошувачите во еврозоната да можат да го користат дигиталното евро во сите онлајн-продавници, во одредени физички продавници, како и за меѓусебни плаќања уште од самиот почеток. Ова го покажува презентацијата до која имал увид „Bloomberg“.

Евросистемот, кој ги опфаќа ЕЦБ и националните централни банки на земјите од еврозоната, „гледа придобивки“ од овозможувањето на сите три начини на користење уште при првичното воведување на дигиталното евро, планирано за втората половина на 2029-та година. Според документот, плаќањата во последните два случаи – во продавниците и меѓу поединечни корисници треба да може да се вршат и онлајн и офлајн.

Плаќањата во физичките продавници не беа предвидени во почетната фаза од воведувањето на дигиталното евро. Нивното вклучување сега се предлага како одговор на законодавците и претставниците на пазарот, кои „ја истакнаа важноста од неговата рана достапност од аспект на стратешката автономија“, наведува ЕЦБ во презентацијата.

Институцијата го очекува законодавството од Брисел за да продолжи со работата на создавање дигитална верзија на единствената европска валута. Иницијативата е дел од напорите за намалување на зависноста на Европа од американските даватели на платежни услуги. Минатиот месец, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека е „многу охрабрена“ и дека очекува потребното законодавство да биде усвоено до крајот на годината.

Преговорите меѓу Европскиот парламент (ЕП), Европската комисија (ЕК) и владите на земјите членки веќе влегле во завршната фаза. Сепак, сè уште треба да се прецизираат деталите за воведувањето на дигиталното евро.

Ажурираниот распоред покажува дека ЕЦБ би можела да биде подготвена првите трговци да почнат да примаат плаќања во дигитално евро на физичките каси во втората половина на 2029-та година, под услов законодавството да биде усвоено оваа година. Во распоредот се наведува и дека банката очекува да го заврши најголемиот дел од постепеното воведување во период од приближно шест до 12 месеци.

Во извештај објавен минатиот октомври, ЕЦБ оцени дека дигиталното евро треба да биде воведено „брзо и структурирано“. Банката предлага тоа да се спроведува во фази, со „јасно дефиниран редослед и комбинација од начини на користење“.

Иако постепеното воведување овозможува да се земат предвид потребното време и трошоците за имплементација, мора да се има предвид и статусот на дигиталното евро како законско платежно средство, се наведува во презентацијата на ЕЦБ. Овој аргумент оди во прилог на идејата дигиталното евро да биде достапно за поширок спектар плаќања уште од самиот почеток.