Долгот на Европската Унија (ЕУ) може да достигне еден трилион евра до 2027 година, во најголем дел поради финансирањето преку програмата „NextGenerationEU“, предупредува Европскиот суд на ревизори (ECA) во својот годишен извештај.
Растечкиот должнички товар на ЕУ може сериозно да влијае врз идните буџети, предупредуваат ревизорите на Унијата. Само трошоците за камати по неповратната финансиска поддршка од „NextGenerationEU“ во периодот од 2028-ма до 2034-та година би можеле да достигнат 93 милијарди евра, наведуваат од институцијата.
Предлозите на Европската комисија (ЕК) за следниот буџет би овозможиле и значително ново задолжување за поддршка на Украина, националните планови на земјите членки и евентуално активирање на механизмот за справување со тешки кризи.
Европскиот суд на ревизори предупредува и на значително ниво на грешки во буџетските расходи, што, според ревизорите, отвора прашања за контролата врз трошењето на средствата.
Тие повикуваат на претпазливост при планирањето на идните буџети. Без договор за нови извори на приходи, буџетот на ЕУ би можел да се соочи со значителен недостиг на средства. Тоа би наметнало тешки одлуки, како што се зголемување на националните придонеси и намалување на амбициите на Унијата.
Проблеми со трошењето на средствата
Ревизорите оценуваат дека финансиските извештаи на ЕУ за 2025-та година даваат точна и веродостојна слика, а трансакциите поврзани со приходите се оценети како ослободени од грешки. Кај расходите, сепак, состојбата се влошува.
Проценетото ниво на грешки кај расходите се зголемило на 3,8 отсто во 2025-та година, во споредба со 3,6 отсто во 2024-та година.
Прагот над кој неправилностите во трошењето се сметаат за материјално значајни е два отсто.
Кај традиционалните буџетски расходи, грешките се истовремено значајни и широко распространети. Поради тоа, Европскиот суд на ревизори седма година по ред дава негативно мислење за расходите на ЕУ.
Највисоко ниво на грешки е утврдено кај средствата за кохезија, наменети за поддршка на вработувањето, економскиот раст и регионалниот развој, како и кај расходите за земјоделство и животна средина.
Кај финансирањето за кохезија, нивото на грешки се зголемило од 5,7 отсто во 2024-та година на 6,6 отсто во 2025-та година. Кај земјоделството и животната средина, растот е од 2,6 на 3,9 отсто.
Ревизорите најчесто утврдувале финансирање проекти или расходи што не ги исполнувале условите за финансирање, како и непочитување на правилата за јавни набавки.
Неправилности и кај средствата за закрепнување
Европскиот суд на ревизори утврдил проблеми и кај Механизмот за закрепнување и отпорност (RRF), кој е главен столб на пакетот за економско закрепнување на ЕУ по пандемијата.
Во текот на 2025-та година, од вкупно 37 исплати на неповратни средства од „RRF“ кон земјите членки, девет не биле во согласност со утврдените правила и услови.
Ревизорите утврдиле и незадоволително исполнување на предвидените пресвртници и цели, прекршувања на правилата за јавни набавки и неправилности поврзани со државната помош.
Забележани се и случаи во кои на земји членки им било дозволено да ги олеснат обврските од нивните планови за закрепнување. Во некои случаи, измените биле направени дури откако соодветната земја побарала исплата од Европската комисија.
Утврдени се и слабости во начинот на кој биле дефинирани пресвртниците и целите, пропусти во надзорот на Европската комисија и континуирани проблеми со сигурноста на контролните системи на земјите членки.
Годината 2025-та беше претпоследната година од спроведувањето на „RRF“. До крајот на годината биле исплатени 237,5 милијарди евра од вкупно 359,9 милијарди евра предвидени со механизмот.
Тоа значи дека за последната година од спроведувањето останале за исплата повеќе од 122 милијарди евра, односно околу една третина од вкупно расположливите неповратни средства.
Европскиот суд на ревизори повикува идниот модел на финансирање да не ги повторува слабостите утврдени кај Механизмот за закрепнување и отпорност.
„Амбициозните буџети бараат и подеднакво амбициозни гаранции“, изјави претседателот на Европскиот суд на ревизори, Тони Марфи.
Според него, доколку ЕУ премине кон буџетски модел во кој финансирањето не е директно поврзано со направените расходи, мора да се извлечат поуки од досегашното искуство и да се отстранат утврдените слабости.