МАКЕДОНИЈА

Добар стан не стои празен: Што денес најмногу се бара?

Кој денес бара стан под кирија во Скопје, најчесто не почнува со прашањето колку квадрати има, туку колку ќе го чини месечно. Токму затоа најголемата битка на пазарот се води за помалите, добро наместени станови, особено ако се блиску до центарот, факултетите, јавниот превоз и поголемите деловни зони.

Гарсоњерите и еднособните станови се меѓу најбараните, а причината е едноставна. Помала кирија, пониски сметки, помалку пари за греење и полесно одржување. За студент, млад вработен човек или пар кој штотуку почнува заеднички живот, стан од 30 до 45 квадратни метри често е првиот избор.

Познавачите на пазарот на недвижности велат дека најбрзо се издаваат становите што се веднаш вселиви. Значи, не е доволно сопственикот само да има четири ѕида и да стави оглас.
„Луѓето денес бараат функционален стан. Да има нормална кујна, машина за перење, клима, интернет, пристојна бања и мебел што не е стар триесет години. Ако станот е добро среден и цената е реална, долго не стои празен“, велат познавачите на пазарот.

Во Скопје најсилна побарувачка има за помали станови во Центар, Карпош и Аеродром. Во овие населби кириите се и повисоки, но закупците плаќаат за локацијата, близината до работното место, факултетите, продавниците и транспортот. Актуелните пазарни податоци покажуваат дека просечната барана кирија во Скопје се движи околу осум евра за квадратен метар, со значителни разлики зависно од населбата, состојбата и опременоста на станот.

На огласите веќе може да се најдат гарсоњери од околу 230 до 300 евра, додека добро наместени станови со една спална соба во Аеродром, Карпош или Центар често се огласуваат за 350, 400 евра, па и повеќе. Кај поголемите и луксузно опремените станови сумата лесно оди над 500 евра.

Но поголем стан не значи секогаш и полесно издавање.

Економистите објаснуваат дека кај кириите важи малку поинаква логика отколку кај продажбата. Малите станови во однос на квадратурата често носат повисока кирија, бидејќи за нив има поширок круг заинтересирани закупци.

„Ако имате стан од 35 квадрати и стан од 90 квадрати, многу почесто ќе ви се јават луѓе за помалиот. Не затоа што поголемиот не е добар, туку затоа што помалку луѓе можат секој месец да издвојуваат висока кирија плус сметки“, велат економисти.

Цената, сепак, не ја одредува само квадратурата. Катот, лифтот, паркингот, греењето, староста на зградата, состојбата на мебелот и сообраќајната поврзаност можат прилично да ја сменат киријата. Два стана со иста квадратура, оддалечени само неколку улици, понекогаш имаат разлика од стотина евра.

Посебна приказна се студентите. Со почетокот на академската година побарувачката традиционално расте, особено во деловите од градот од кои лесно се стигнува до факултетите. Тогаш добрите и поевтини станови знаат да исчезнат од огласите за многу кратко време.

И тука сопствениците понекогаш грешат. Ќе видат дека соседот бара 450 евра, па и тие ќе стават 450, без разлика што неговиот стан е нов, а нивниот последен пат бил реновиран кога телевизорот со катодна цевка бил стандард.

„Пазарот на крај ја коригира цената. Стан што е прескап едноставно останува празен. Оглас може да трпи сè, закупецот не“, велат познавачите.

Најлесно, според нив, се издава стан што има три работи: добра локација, пристојна состојба и цена што одговара на реалноста. Луксузот е плус. Паркингот е голем плус. Но за најголемиот дел од луѓето пресметката на крајот е многу попроста.

Колку е киријата, колку се сметките и дали од таму можам нормално да стигнам на работа.
Сè друго доаѓа потоа.

Б.З.М.

Тагови:станцена