„Deutsche Bank“ во третото тримесечје оствари раст на добивката од два отсто, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, и покрај послабите приходи од инвестициското банкарство. Силните резултати во банкарството за населението и корпоративното банкарство го надоместија падот во инвестициското одделение, објави „Reuters“.
Најголемата германска банка оствари нето-добивка од 1,588 милијарди евра, која им припаѓа на акционерите, во третото тримесечје. Тоа е зголемување во однос на 1,564 милијарди евра остварени во истиот период минатата година и резултат над очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа добивка од 1,444 милијарди евра.
Овие резултати ја вбројуваат „Deutsche Bank“ меѓу големите светски инвестициски банки кои во изминатото тримесечје почувствуваа одредено слабеење на деловните активности поради нестабилноста на финансиските пазари.
Растот на приносите на обврзниците, загриженоста поврзана со вештачката интелигенција и геополитичките конфликти предизвикаа нервоза кај инвеститорите и управните одбори на компаниите. Тоа го забави склучувањето нови зделки и негативно се одрази врз приходите од инвестициското банкарство.
Приходите од тргувањето со хартии од вредност со фиксен принос и валутното тргување, еден од најголемите деловни сегменти на „Deutsche Bank“, се намалиле за три отсто, по рекордната година претходно. Сепак, падот бил во согласност со очекувањата и бил помал од намалувањето од пет отсто забележано кај американските конкуренти.
На ниво на целото инвестициско банкарство, приходите се намалиле за два отсто, исто така во согласност со прогнозите. И покрај падот, овој сектор останува најголем извор на приходи за германската банка.
Од „Deutsche Bank“ изразиле оптимизам во однос на годишните резултати. Банката сега очекува вкупните приходи на групацијата да надминат 33 милијарди евра, наместо претходната прогноза дека ќе се движат околу таа сума.
Повеќе европски банки треба да ги објават своите финансиски резултати во текот на оваа недела, меѓу кои и „UBS“ и „BNP Paribas“. Инвеститорите внимателно следат дали тие ќе успеат да ги задржат високите добивки остварени во претходниот период.
Претходно, „HSBC“ предизвика загриженост во банкарскиот сектор, откако растот на приходите ги разочара очекувањата на инвеститорите. По објавувањето на резултатите, акциите на најголемата европска банка забележаа пад од пет отсто.