ТЕХНОЛОГИЈА

„ChatGPT требаше“ да го погреба Google, наместо тоа, се случи нешто сосема поинакво

Кога „ChatGPT“ стана глобален феномен кон крајот на 2022-ра година, многумина предвидуваа дека традиционалните интернет-пребарувачи постепено ќе заминат во историјата.

Четири години подоцна, „Google“ бележи најбрз раст на бројот на пребарувања во последните пет години, а за тоа, според тврдењата на компанијата, е заслужна токму вештачката интелигенција која требаше да го загрози неговото работење.

Финансиските резултати на „Alphabet“ за третиот квартал од 2026-та година покажуваат дека приходите од пребарувањето на „Google“ и поврзаните услуги пораснале за 12 отсто, достигнувајќи 63,35 милијарди долари.

Извршниот директор Сундар Пичаи истакнува дека функциите засновани на вештачка интелигенција ги поттикнуваат корисниците да поставуваат повеќе прашања, вклучително и оние поврзани со купување производи и услуги.

Сепак, поголемиот број пребарувања автоматски не значи и повеќе заработка. И покрај растот, приходите од пребарувањето останале под очекувањата на аналитичарите, кои предвидувале околу 65 милијарди долари.

Проблемот е во тоа што „Google“ сè уште не пронашол подеднакво ефикасен начин за заработка од пребарувањето со вештачка интелигенција како од класичните резултати.

Функцијата „AI Mode“ им овозможува на корисниците да добиваат одговори преку разговор со вештачката интелигенција, што ги менува начинот на прикажување на рекламите и можностите за нивна наплата.

Филип Шиндлер, директор за деловно работење на „Google“, потврдил дека „AI Mode“ во моментов остварува помала монетизација, што е еден од факторите за забавувањето на растот на приходите. Врз резултатите влијаеле и девизните курсеви, како и промените во трошењето кај одредени огласувачи.

Затоа „Google“ постепено го проширува прикажувањето реклами во функциите „AI Mode“ и „AI Overviews“, тврдејќи дека досегашните експерименти даваат ветувачки резултати.

Ситуацијата е прилично необична. Вештачката интелигенција не ги оддалечила корисниците од пребарувањето на „Google“, туку, според податоците на компанијата, ги поттикнува да го користат уште повеќе.

Вистинскиот предизвик сега не е како да се задржат корисниците, туку како од нивните нови навики да се заработува подеднакво успешно како и досега.