ТЕХНОЛОГИЈА

„Instagram“ добива посебна апликација за пораки: Еве како ќе функционира „Direct“

Компанијата „Meta“ тестира нова самостојна апликација за размена на пораки поврзана со Instagram, која би можела да го прошири досегот на директните пораки (DM) на оваа социјална мрежа.

Компанијата започна со тестирање на апликацијата „Direct“, која го пренесува сандачето за пораки на „Instagram“ во посебна апликација. За нејзино користење, сепак, нема да биде неопходно корисниците да имаат постоечки „Instagram“-профил. Засега „Direct“ ќе биде достапна само во Турција и Тајланд, соопшти „Meta“.

На прв поглед, „Direct“ изгледа речиси исто како сандачето за пораки на „Instagram“. Има речиси идентичен распоред, а постојните разговори се пренесуваат од главната апликација доколку корисникот се најави со податоците од својот „Instagram“-профил.

Апликацијата ги има и некои од истите можности за персонализација, како поставување посебни позадини за одделни разговори, како и функцијата „Notes“ за објавување кратки статуси.

Додека корисниците на „Instagram“ можат да се најават со постојните профили, „Direct“ воопшто не бара најавување преку „Instagram“. Корисниците ќе можат да се регистрираат со својата е-адреса или телефонски број и потоа да разменуваат пораки со пријателите во апликацијата.

Сепак, се чини дека допишувањето без поврзан „Instagram“-профил нема да биде толку едноставно. Од „Meta“ објаснуваат дека корисниците кои немаат „Instagram“ ќе мора рачно да ги додаваат контактите, преку нивното корисничко име на „Instagram“ или со скенирање QR-код, за да започнат разговор.

„Meta“ најавува дека во „Direct“ ќе ги пренесе и дел од безбедносните функции на „Instagram“. Апликацијата нема да им дозволува на корисниците да започнуваат разговори со профили со кои претходно не се поврзани преку своите контакти.

Родителите, пак, ќе можат да следат со кого се допишуваат нивните тинејџери и колку време поминуваат во апликацијата, доколку ги користат функциите за родителска контрола на компанијата.

Дополнително, „Meta“ наведува дека ќе користи технологија за откривање и реагирање на потенцијално несоодветни интеракции со младите, но засега не прецизира како точно ќе функционира оваа заштита.

Тестирањето на „Direct“ е интересен потег за „Meta“. Директорот на Instagram, Адам Мосери, често истакнува дека размената на пораки е најкористената функција на оваа социјална мрежа.

Сепак, тој претходно не беше наклонет кон идејата апликацијата „Threads“ да добие сопствено сандаче за пораки. Кога „Meta“ накратко размислуваше да ја пренесе функцијата за пораки од „Instagram“ во „Threads“, Мосери оцени дека би било непотребно да се користат повеќе апликации за допишување со истите луѓе.

Тој тогаш предупреди дека копирањето на сандачето за пораки на „Instagram“ може да предизвика „чудно пренасочување на известувањата“ и дека таквото решение генерално не би било идеално за повеќето корисници.

Новата апликација отвора и прашање дали „Direct“ би можела да му конкурира на „WhatsApp“ на пазарите каде што ќе биде достапна. Малку е веројатно дека апликација поврзана со „Instagram“ ќе го замени „WhatsApp“ за голем број корисници, но би можела да ја намали активноста на оваа платформа доколку луѓето без „Instagram“ почнат да ја користат „Direct“ за комуникација со пријателите.

Можеби токму затоа „Direct“ засега има ограничени можности. „Meta“ го опишува нејзиното лансирање како тестирање, кое во почетната фаза ќе биде достапно само во Турција и Тајланд. Доколку апликацијата се покаже како успешна, компанијата веројатно ќе размисли за нејзино проширување и на други пазари.