Технолошките компании „Google“ и „Samsung“ подготвуваат лансирање на нова генерација паметни очила со вградена вештачка интелигенција. Тие на пазарот ќе се појават во декември, во соработка со производителите на очила „Warby Parker“ и „Gentle Monster“, а во понудата ќе има вкупно девет модели.
Шест модели на брендот „Gentle Monster“ ќе се продаваат по цена од 449 долари, додека трите модели на компанијата „Warby Parker“ ќе чинат 395 долари.
Очилата ќе бидат достапни во различни бои, со проѕирни или затемнети стакла. Испораката до купувачите ќе започне на 10 декември, пренесува „Bloomberg“.
Нарачките ќе може да се прават преку интернет-продавниците и малопродажните објекти на двата бренда, а демонстрации ќе бидат организирани и во избрани продавници на „Google“.
Очилата ќе имаат вградена камера од 12 мегапиксели, микрофони и звучници. Со нив ќе може да се фотографира и снима видео, да се разговара телефонски, да се слуша музика и да се одговара на пораки без користење на рацете.
Една од главните функции ќе биде интеграцијата на асистентот со вештачка интелигенција „Gemini“ на „Google“, кој ќе може да анализира што гледа корисникот и да одговара на прашања за предметите и околината.
Така, на пример, корисникот ќе може да побара предлози за оброк врз основа на намирниците што се наоѓаат пред него или да внесе настан во календарот само со поглед кон поканата.
Уредите ќе работат на оперативниот систем „Android XR“, наменет за носливи уреди, а ќе нудат и навигација чекор по чекор, превод во реално време и можност за одговарање на телефонски повици.
Ќе бидат компатибилни со „iPhone“, како и со одбрани телефони што користат оперативен систем „Android“. Од „Google“ наведуваат дека се потрудиле да обезбедат ист сет функции на двете платформи.
Посебно внимание е посветено на заштитата на приватноста, бидејќи паметните очила со камери предизвикаа загриженост поради можноста за снимање луѓе без нивно знаење.
Како и кај уредите на „Meta“, на надворешната страна на очилата на „Google“ ќе има светлосен индикатор што ќе сигнализира кога се снима.
Камерата нема да може да фотографира или да снима видео доколку индикаторот е покриен, исклучен или на друг начин оневозможен.
Од корисниците ќе се бара да ги прифатат правилата со кои се забранува снимање други лица без нивна дозвола, како и снимање на места каде што се очекува приватност.
„Google“ најавува и мерки против злоупотреба на уредите преку своите продавници за апликации, рекламните платформи и правилата за објавување содржини на „YouTube“.