Компанијата „Xiaomi“ одржа настан во Париз по повод меѓународното претставување на моделите „Xiaomi 18 Pro“ и „Xiaomi 18 Pro Max“, кои во Кина беа претставени во септември.
Глобалните верзии на „Xiaomi 18 Pro“ и „18 Pro Max“ го имаат истиот хардвер како кинеските модели, со исклучок на батериите, кои имаат помал капацитет.
Глобалниот модел „Xiaomi 18 Pro“ има батерија од 6.000 mAh, додека „Xiaomi 18 Pro Max“ доаѓа со батерија од 7.050 mAh. Во Кина, „Xiaomi 18 Pro“ располага со батерија од 7.000 mAh, а „18 Pro Max“ се напојува со батерија од 8.500 mAh.
Глобалниот „Xiaomi 18 Pro Max“ ја задржува истата брзина на полнење како кинеската верзија – 100 W преку кабел и 50 W безжично. И глобалниот „Xiaomi 18 Pro“ поддржува безжично полнење од 50 W, исто како и кинескиот модел, но полнењето преку кабел е побавно: 90 W, наспроти 100 W кај кинеската верзија.
„Xiaomi 18 Pro Max“ го придвижува чипсетот „Snapdragon 8 Elite Extreme Gen 6“, додека моделот „Xiaomi 18 Pro“ го користи чипот „Snapdragon 8 Elite Gen 6“.
Двата модели имаат дополнителен екран на задната страна и фабрички доаѓаат со оперативниот систем „HyperOS 4“, базиран на „Android 17“.
Главните екрани на двата паметни телефони имаат и режим за приватност (Privacy Mode), наменет за заштита на чувствителните информации при користење на телефонот на јавни места.
„Xiaomi 18 Pro Max“ ќе биде достапен во црна (Black), бела (White), кадифено црвена (Velvet Red) и космички сина (Cosmic Blue) боја, со три мемориски конфигурации: 12 GB RAM и 256 GB простор, 12 GB RAM и 512 GB простор, како и 16 GB RAM и 1 TB простор.
И „Xiaomi 18 Pro“ ќе се продава во истите бои, но со две мемориски опции: 12 GB RAM со 256 GB простор и 12 GB RAM со 512 GB простор.
Почетната цена на глобалниот пазар за „Xiaomi 18 Pro“ изнесува 1.399 евра, додека „Xiaomi 18 Pro Max“ ќе чини од 1.599 евра.
Двата паметни телефони доаѓаат и со бесплатен пробен период од три месеци за услугите „Google AI Pro“ и „YouTube Premium“, четири месеци за „Spotify Premium“, како и седумдневен или 14-дневен пробен период за „iQIYI Standard VIP“.