МАКЕДОНИЈА

ЦГК: Податоците од Регистарот на вистински сопственици можат да бидат моќна алатка во борбата против корупцијата

Скопје, 27 ноември 2026 година – Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), заедно со партнерските организации Центар на активни граѓани АКТИВО и Здружение на даночни советници на РМ, го објави Документот за јавни политики за подобрување на користењето на информациите за вистинските сопственици во борбата против корупцијата.

Иако земјата има воспоставено Регистар на вистински сопственици од 2021 година, истражувањата покажаа дека тој сè уште претставува само формален механизам за усогласеност, наместо инструмент за откривање и спречување на корупцијата. Податоците од регистарот минимално се користат надвор од спречувањето перење пари и финансирање тероризам, отсуствува проверка на точноста, а постојат и значителни недоследности со изјавите за имот и интереси што јавните функционери ги доставуваат до ДКСК. Дополнително, ограничениот и скап пристап до податоците го отежнува јавниот надзор од страна на граѓаните, медиумите и граѓанскиот сектор.

За да се надминат овие системски слабости, се предлага да се преземат законски и измени во практиката:

⦁ Проширување на опфатот преку намалување на сегашниот праг од 25 % за директна и индиректна сопственост, воведување групен опфат за поврзани лица и задолжителна проверка кога како вистински сопственик е запишан адвокат, сметководител или даночен советник.
⦁ Подобар и поевтин пристап преку овозможување бесплатен или значително поевтин пристап до податоците во машински читлив формат за граѓаните, новинарите и граѓанските организации, преку воведување на законската категорија „легитимен јавен интерес“.
⦁ Зајакната верификација и санкции преку воведување задолжителна проверка на податоците за субјектите со висок ризик (функционери, големи јавни изведувачи, концесионери), автоматизирани системи за „црвени знамиња“ и одвраќачки санкции за лажни или нецелосни податоци.
⦁ Задолжителна институционална употреба преку воведување експлицитна обврска за институциите систематски да ги користат овие податоци при проценка на судир на интереси, ревизии и истраги.
⦁ Поврзување на базите на податоци преку техничка интероперабилност и автоматско вкрстување на Регистарот на вистински сопственици со системите на ДКСК, базите за јавни набавки, концесии, субвенции, државна помош, Катастарот, Царината и Трезорот.
⦁ Спречување судир на интереси кај функционерите преку проширување на кругот на блиски лица за кои функционерите пријавуваат имот и интереси, автоматско преземање податоци од Централниот регистар при пополнување на анкетните листови и задолжително објавување на вистинските сопственици на фирмите кои добиваат тендери, концесии и ЈПП.
⦁ Проактивна анализа на ризици преку развивање индикатори за ризик и објавување годишни аналитички извештаи за превентивно дејствување во секторите склони кон корупција.
⦁ Поддршка за граѓански мониторинг преку препознавање на истражувачките новинари и граѓанските организации како клучни корисници, воспоставување механизми за пријавување неточности во регистарот и правна заштита за користење на податоците во јавен интерес.

Документот за јавни политики е подготвен врз основа на две претходни истражувачки анализи, меѓународните стандарди, како и заклучоците од консултациите со клучните институции.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на [email protected].

Проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.