СВЕТ

Централните банки купувале злато со најбрзо темпо од 2024-та во третиот квартал

Централните банки купувале злато во третото тримесечје со најбрзо темпо од крајот на 2024-та година, и покрај тоа што металот беше под притисок поради повисоките цени на нафтата и каматните стапки, објавува „Bloomberg“.

Во трите месеци до крајот на септември, централните банки нето акумулирале 321 тон злато, соопшти Светскиот совет за злато („World Gold Council“, WGC) во извештај објавен во вторникот. По бавниот почеток на 2026-та година, со тоа вкупните нето-купувања од почетокот на годината достигнале 675 тони, што е малку повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Податоците покажуваат дека централните банки, кои беа важен двигател на повеќегодишниот раст на цената на златото до рекордното ниво во јануари, и натаму претставуваат клучна поддршка за цените на овој, инаку, умерен пазар. Од почетокот на војната во Иран, кон крајот на февруари, златото изгубило околу една четвртина од својата вредност, бидејќи повисоките трошоци за енергенси ги зголемија очекувањата за построга монетарна политика. Тоа претставува пречка за овој метал, кој не носи каматен принос.

Пониските цени на златото во текот на тримесечјето веројатно поттикнале некои централни банки да ги зголемат купувањата, коментира Џон Рид, виш пазарен стратег во „WGC“. За централните банки со песимистички прогнози за американскиот долар, растот на вредноста на американската валута можеби дополнително ја направил попривлечна можноста дел од девизните резерви да ги пренасочат во злато, додава тој.

„Ако сметате дека доларот на долг рок ќе ја губи вредноста, а поседувате краткорочни државни обврзници чиј рок на достасување истекува, тогаш можеби ќе искористите дел од тие скапи долари и со нив ќе купите злато“, изјави Рид.

Речиси две третини од проценетите купувања на централните банки не се јавно објавени од самите монетарни власти. Консултантската компанија „Metals Focus“ ги проценува купувањата во име на „WGC“, користејќи комбинација од јавно достапни податоци, трговска статистика и теренски истражувања.

Кина и Полска се најголемите купувачи што ги објавиле своите податоци во последното тримесечје, додавајќи 63, односно 41 тон злато. Русија е единствениот голем продавач, која во истиот период се ослободила од 19 тони.

Цената на златото бележи пад во последните месеци, бидејќи војната на Блискиот Исток продолжува да ги зголемува цените на суровата нафта и очекувањата за каматните стапки. Сепак, приливите во берзански тргуваните фондови обезбедени со злато остануваат значително високи. Нивните залихи во третото тримесечје се зголемиле за 211 тони, достигнувајќи нов рекорд, наведува „WGC“.

Побарувачката за златен накит се намалила за 17 отсто, на 313 тони, што е најслабо трето тримесечје според податоците на организацијата, кои датираат од 2000-та година. Промените во даночната политика во Индија и Кина, заедно со повисоките цени, ги поттикнале потрошувачите да избираат полесен накит со помала содржина на злато.

Производството во рудниците се зголемило за три отсто на годишно ниво, достигнувајќи рекордни 1.071 тон за третото тримесечје, покажува извештајот.

Побарувачката за златни прачки и монети се намалила за 19 отсто, на 268 тони. Сепак, купувањата во Кина се зголемиле за седум отсто, достигнувајќи 79 тони. Од почетокот на годината до крајот на третото тримесечје, вкупниот обем на купувања во земјата достигнал рекордни 393 тони.