АВТОБИЗ

„BYD“ најавува ривал на „Rolls-Royce Phantom“

„BYD“ објави најава за „Yangwang Altior“ – луксузна лимузина позиционирана во ценовниот сегмент од 300.000 долари. Премиерата на возилото е закажана за 5-ти ноември во Обединетите Арапски Емирати, што е јасен показател дека „BYD“ го подготвува „Yangwang Altior“ за глобалниот пазар.

Новиот модел го продолжува дизајнерскиот јазик што дебитираше со теренецот „Yangwang U8“. Како што може да се види од најавата, лимузината се одликува со остра, аголна каросерија – карактеристика својствена за класичните модели на „Rolls-Royce“.

Возилото има издолжен преден капак и предни светла слични на оние кај моделот „U8“. Судејќи според положбата на рачките на вратите, задните врати се отвораат во насока спротивна на движењето (т.н. „самоубиствени“ врати). Генерално, новата лимузина на „BYD“ потсетува на „Rolls-Royce Phantom“. Таа е долга 5.500 мм, со меѓуоскино растојание од 3.350 мм, што ја прави за 100 мм подолга од „Rolls-Royce Ghost“.

Возилото ќе биде опремено со четири електромотори и хидрауличен систем за потпирање. Специфичните технички детали сè уште не се откриени. На покривот е поставен „LiDAR“ сензор, што укажува на присуство на систем за автономно возење.