„BMW“ го прошири своето семејство електрични SUV-модели од серијата „Neue Klasse“ со првото кросовер-купе, означено како „iX4“.
Интересно е што Баварците претходно најавија дека се откажуваат од конвенционалниот „X4“, но очигледно тоа не се однесува и на електричната верзија.
Новиот модел првично ќе се нуди во верзии со погон на четири тркала „40“ и „50“, додека нарачките за верзијата „M Performance“, опремена со систем со два електромотора и моќност од 612 кс, ќе бидат отворени нешто подоцна. Цените сè уште не се објавени.
Дизајнот на предниот дел на „BMW iX4“ во голема мера е преземен од неговиот платформски брат „iX3“, но задниот дел е целосно редизајниран за да се добие мазна линија на покривот што постепено се спушта кон задниот дел. Таму е поставен и карактеристичен спојлер, кој кај „iX4 M60“ ќе биде дополнет со уште еден елемент.
Стандардната опрема го вклучува пакетот „M Sport“, кој се издвојува со уникатни 20-инчни фелни, со можност за 22-инчни, како и со сини сопирачки клешти.
По димензии, „iX4“ е речиси идентичен со „iX3“, иако каросеријата е поставена нешто пониско. Кросовер-купето има и нешто помал багажен простор – додека традиционалниот SUV нуди меѓу 520 и 1.750 литри, капацитетот на „iX4“ се движи од 490 до 1.600 литри.
Внатрешноста е речиси идентична со онаа на „iX3“, вклучувајќи ги познатиот систем „Panoramic Vision“ и централниот дисплеј од 17,9 инчи. Кросовер-купето, сепак, стандардно се нуди со спортски волан, додека верзијата „iX4 M60“ добива спортски седишта и специјална верзија на воланот „M Sport“.
Основната верзија на кросовер-купето ја носи ознаката „40 xDrive“. Нејзините електромотори развиваат 374 кс и 520 Нм вртежен момент, што му овозможува на електромобилот да забрза од 0 до 100 км/ч за 5,6 секунди.
Помоќната верзија „50 xDrive“ располага со 469 кс и 645 Нм, а од 0 до 100 км/ч забрзува за 4,9 секунди.
Овие модели се разликуваат и по батериите, со употреблив капацитет од 82,6 kWh, односно 108,7 kWh. Како резултат на тоа, основниот „iX4“ нуди автономија до 638 километри, додека кај „iX4 50 xDrive“ таа достигнува до 828 километри.
Во двата случаи, полнењето од 10 до 80 отсто трае 21 минута, но помоќниот кросовер бара моќност на полнење од 400 kW, додека основната верзија се задоволува со 300 kW.
Засега се познати само основните технички карактеристики на „BMW iX4 M60 xDrive“. Електромоторите развиваат 612 кс и 875 Нм, што овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за само 3,9 секунди и максимална брзина од 240 км/ч.
Тоа е за 30 км/ч повеќе во споредба со останатите верзии. „iX4 M60 xDrive“ нуди и автономија до 777 километри.
Стандардната опрема вклучува адаптивна суспензија „M Sport“, електронски блокирачки заден диференцијал и аудиосистем „Harman Kardon“ со 13 звучници.
Инфозабавниот систем ќе располага со специјален режим „Powermeter“, кој ќе прикажува податоци како моменталната моќност и преостанатата енергетска резерва.
Пазарното деби на „BMW iX4“ е планирано за март 2027-ма година, иако преднарачките најверојатно ќе започнат неколку месеци порано.