Приватниот сектор во Западен Балкан е подготвен да инвестира, да се приспособува и активно да учествува во процесот на економска интеграција, но за тоа се неопходни конкретни чекори од владите, пред сè во делот на регулативата и инфраструктурата. Ова е пораката што ја упати в.д. претседателот на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора, Бранко Азески, по повод одржувањето на Лидерскиот самит во Тирана.
Три години по воведувањето на Планот за раст, Коморскиот инвестициски форум и понатаму го оценува како значаен инструмент за забрзување на економската интеграција на регионот.
Поддршката на КИФ, како што истакнува Азески, произлегува од фактот што Планот воспоставува директна поврзаност меѓу спроведувањето на реформите, пристапот до Единствениот пазар на Европската Унија и обезбедувањето конкретна финансиска поддршка.
Сепак, и покрај досегашниот напредок, компаниите од Западен Балкан сè уште се соочуваат со сериозни пречки кои ја ограничуваат нивната конкурентност и можностите за раст.
Челичната индустрија, границите и транспортот меѓу клучните предизвици.
Еден од најсериозните проблеми се тарифните квоти на Европската Унија е за челикот. Ограничувањето на бесцаринскиот извоз и воведувањето дополнителни царини по исцрпувањето на квотите создаваат неизвесност за производителите и извозниците од регионот.
„Нашиот апел до вас, како министри, е на состанокот јасно и недвосмислено да ја пренесете пораката на реалниот сектор: приватниот сектор е подготвен да инвестира, да се прилагодува и да го понесе товарот на економската интеграција, но владите мора да ја испорачаат регулативата и инфраструктурата“, порача Азески.
Ваквите мерки може да ја намалат конкурентноста на компаниите на европскиот пазар, да предизвикаат пренасочување на нарачките кон конкурентите и да доведат до намалување на извозот и производството, со негативни последици врз инвестициите и работните места.
Како втор значаен предизвик се посочуваат граничните процедури и транспортната поврзаност. Според Азески, иницијативите за зелени ленти и договорите за граничните премини мора да се спроведуваат во практика, со целосна оперативност 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Ефикасноста на Единствениот пазар, како што нагласува тој, не може да се постигне доколку транспортот на стоки и понатаму се соочува со повеќечасовни задржувања на границите. Секое доцнење значи дополнителни трошоци за компаниите и директно влијае врз нивната профитабилност и конкурентност. Третата област во која се потребни конкретни решенија е усогласувањето со европските индустриски стандарди. Склучувањето на спогодбите за оцена на сообразноста (ACAA) е особено важно за производите од регионот да можат да се пласираат на европскиот пазар без дополнителни контроли и непотребни трошоци.
Истовремено, примената на Механизмот за јаглеродно гранично приспособување и интеграцијата на енергетските пазари бараат навремена и координирана поддршка. Целта е компаниите да се приспособат на новите услови без да бидат изложени на ненадејни ценовни притисоци кои би ја загрозиле нивната конкурентност.
Како четврта приоритетна област се издвојуваат дигитализацијата и пристапот до капитал. Иницијативите како „Роаминг како дома“, дигиталните иновациски хабови и најавениот Фонд за забрзан раст на Западен Балкан се оценуваат како позитивни чекори во насока на модернизација и зајакнување на регионалните економии. Сепак, од особено значење е финансиските инструменти да бидат достапни за компаниите без сложени административни процедури. Ова особено се однесува на малите и средните претпријатија, кои претставуваат основен столб на економиите во регионот.
Азески посочува дека, и покрај иницијативите и најавените мерки, економската конвергенција на Западен Балкан сè уште се соочува со долгогодишни структурни пречки. За бизнисот, прашањата што се отвораат на Лидерскиот самит не се само административни или институционални теми, туку конкретни услови од кои зависат секојдневното работење, опстанокот и конкурентноста на компаниите.
Пораката од реалниот сектор е дека регионот има подготвеност и капацитет за побрза економска интеграција, но за нејзино остварување се потребни мерливи резултати, функционална инфраструктура, усогласена регулатива и реална институционална поддршка.
И.П