МАКЕДОНИЈА

БДП по жител во Македонија надмина 9 илјади евра!

Бруто домашниот производ во 2024 година по жител во Македонија изнесувал 9 192 евра. Најновите податоци на Државниот завод за статистика велат дека номиналниот раст на БДП изнесувал 8,1 отсто. Податоците од извештајот покажуваат дека македонската економија во 2024 година пораснала за 3,8 %, а бруто-домашниот производ достигнал 16,8 милијарди евра.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем удел во економијата пред две години имале трговијата, транспортот, складирањето, сместувањето и угостителството, со 19,8 % од БДП. Меѓу дејностите, најизразен номинален раст од 16,1 % забележал секторот информациски и комуникациски технологии, чија додадена вредност достигнала 51,9 милијарди денари.

Во 2024 во однос на 2023 година бруто-домашниот производ:

Реално е зголемен за 3.8 % 
Номинално e зголемен: за 8.1 %
По жител е 9 192 евра

Според статистичарите, податоците откриваат и неповолни движења кај надворешната трговија. Вкупниот извоз на стоки и услуги се намалил за 1,3 %, на 649,4 милијарди денари. Што се однесува пак до извозот на стоки тој пак паднал за 6,5 %, на 435,1 милијарда денари, додека извозот на услуги пораснал за 11,1 % достигнувајќи 214,3 милијарди денари.

Информациите од извештајот велат дека увозот изнесувал 754,3 милијарди денари, со што трговскиот дефицит се продлабочил на речиси 105 милијарди денари.

Што се однесува пак до Бруто-инвестициите тие пораснале за 15,6 % на 302,4 милијарди денари, но инвестициите во основни средства се зголемиле за скромни 1,2 %. Вложувањата во машини и опрема пораснале за 11,3 %, а во станови за 15,4 %. Истовремено, инвестициите во градежни работи се намалиле за 6,8 %.

Статистичарите забележале и дека финалната потрошувачка на домаќинствата номинално пораснала за 4,7 %, додека јавната потрошувачка бележи раст од 11,2 %.

Податоците укажуваат на економски раст поткрепен со домашната потрошувачка и одделни сектори, но и на слабости во извозот на стоки.

И.П