ТЕХНОЛОГИЈА

„Apple“ призна проблем: Новиот „iPhone“ доцни, а цените драстично растат?

Огромната побарувачка за новиот преклопен телефон предизвика хаос во испораката, додека кризата со чипови дополнително ги турка цените на уредите до небо.

Главниот оперативен директор на компанијата „Apple“, Саби Кан, за време на финансискиот извештај на компанијата за четвртиот квартал потврди дека новиот „iPhone Duo“ се соочува со проблеми со доцнењето на испораките, но даде малку информации за тоа кога купувачите можат да очекуваат решавање на проблемот.

Доцнењата беа само една од темите за загриженост за време на презентацијата на финансиските резултати, која беше исполнета со прашања за растот на трошоците за мемориски чипови, предизвикан од огромната побарувачка од индустријата за вештачка интелигенција (AI).

„iPhone Duo“ во моментов се соочува со ограничувања во увозот и производството. Зголемувањето на обемот на производството оди добро и вложуваме големи напори овој револуционерен нов производ што поскоро да го доставиме до нашите купувачи. Сепак, во овој момент е навистина тешко да се предвиди кога понудата и побарувачката ќе се изедначат“, изјави Кан.

Купувачите кои не чекале во ред пред продавниците на „Apple“ или не испратиле преднарачки веднаш по почетокот на продажбата, сега гледаат дека роковите за испорака се поместуваат дури и за следната година. Во меѓувреме, компанијата „Verizon“ им се извинува на своите корисници за доцнењето, нудејќи им картички за подарок.

Во октомврискиот извештај на весникот „Financial Times“, „Apple“ ја опиша побарувачката за моделот „Duo“ како „ништо помалку од извонредна“, откако уредот бил распродаден на веб-страницата на компанијата за само неколку часа од почетокот на продажбата. Тоа ги поместило датумите за испорака за следната година.

Долготрајните доцнења во испораката се особено забележливи ако се има предвид репутацијата на „Apple“ за исклучително ефикасен синџир на снабдување. Но, компанијата не е единствената што се соочува со притисоци во снабдувањето. Наглиот раст на побарувачката за мемориски чипови од индустријата за вештачка интелигенција ги зголеми трошоците за компонентите кај сите производители на хардвер, со ризик дополнително да ги зголеми цените на уредите.

И „Apple“ ги зголемил цените на некои свои производи, посочи Кан за време на презентацијата на финансиските резултати, додавајќи дека таквите одлуки биле донесени „со големо негодување“.

Како уште еден показател за напорите на компанијата да ја задоволи побарувачката за моделот „Duo“, „Apple“ соопшти дека ја продлабочува соработката со компанијата „Perryman“, производител на титаниум, за да обезбеди материјали за новиот преклопен уред.

„Воодушевени сме од првичните реакции на рецензентите и купувачите и вложуваме големи напори ‘Phone Duo’ што поскоро да стигне до рацете на купувачите“, изјави генералниот директор на „Apple“, Џон Тернус, за време на воведното обраќање.