Стабилните среднорочни изгледи ја одразуваат проценката на рејтинг-агенцијата дека Триглав ќе продолжи да остварува силни оперативни резултати на среден рок, истовремено одржувајќи исклучително силна билансна позиција.
При редовниот годишен преглед, рејтинг-агенцијата AM Best (Агенцијата) ги потврди рејтингот за финансиска стабилност „А“ (одличен) и долгорочниот кредитен рејтинг на издавачот „а“ (одличен) на Заваровалница Триглав и Позаваровалница Триглав Ре. Сите елементи на рејтинзите остануваат непроменети, а двата рејтинга и понатаму имаат стабилни среднорочни изгледи.
Рејтинзите ја одразуваат исклучително силната билансна позиција на Триглав, добрите оперативни резултати и соодветното управување со ризиците. Влијанието на деловниот профил и сопственичката структура врз кредитниот рејтинг на компанијата останува неутрално. При оценувањето на Позаваровалница Триглав Ре, Агенцијата го истакна нејзиното стратешко значење за Групацијата Триглав и високото ниво на интегрираност во рамките на Групацијата.
Според Агенцијата, капитализираноста на Групацијата Триглав останува на највисоко ниво и е соодветно усогласена со нејзиниот профил на ризик. Агенцијата, исто така, ја истакнува добрата финансиска флексибилност на Групацијата, докажаниот пристап до пазарите на сопственички и должнички инструменти, како и ниското ниво на финансиска задолженост, што ја одразува конзервативната капитална структура на Групацијата.
Меѓу клучните конкурентски предности на Триглав, Агенцијата ја истакнува неговата водечка позиција на словенечкиот осигурителен пазар и во регионот Адриа. Исто така, Агенцијата го нагласува добро диверзифицираното портфолио на Групацијата, како во однос на производите, така и во однос на географската застапеност, вклучително и нејзиното работење на пазарот на автомобилско осигурување во Италија.
Агенцијата оценува дека Триглав ја задржал високата профитабилност во 2025 година, првенствено благодарение на одличните резултати во сегментот на неживотно осигурување, со дополнителен придонес од работењето во сегментите на животно осигурување, реосигурување и управување со средства. Агенцијата очекува силните деловни резултати на Триглав да продолжат и во 2026 година, што го потврдуваат и одличните резултати остварени во првата половина од годината.