Голден Стејт Вориорс влезе во историјата на НБА, како првиот тим кој сезоната ја започнал со 16 последовни победи. Актуелните шампиони до апсолутниот рекорд во лигата стигнаа со доминантна игра и убедлива победа над ЛА Лејкерс (111:77).
Голден Стејт го собори рекордот кој го делеше заедно со екипите на Вашингтон Капитолс (од сезоната 1948/49) и Хјустон Рокитс (од сезоната 1993/94).
На домашен терен Голден Стејт тргна агресивно уште од самиот почеток и по првата четвртина стекна предност од 19 поени, а победата ја обезбедија во втората четвртина, во која акумулираа уште дополнителни 18 поени вишок во однос на противникот.
Тимот до историската победа го предводеше Стеф Кари со 24 поени (10/21 од поле), девет асистенции и четири скока за 30 минути игра. Учинокот на Кари најдобро го следеа Дрејмод Грин (18 поени, 7 скока) и Леандро Барбоса (13 поени).
Лејкерси од друга страна го запишаа 14-от пораз во 16-от натпревар во сезоната. Коби Брајант веројатно го одигра својот најлош меч во кариерата, тој погоди само еден од 14-те обиди од полe, а на крајот имаше четири поени и шест скока.