Услужниот сектор во Велика Британија го има регистрирано најслабиот раст во последниве две години, според денеска објавените официјални податоци.
Индексот, кој ја надгледува активноста во секторот на услугите, изнесува 53.3 поени, или најниското ниво од април 2013-та година. За споредба, во август индикаторот изнесуваше 55.6 поени.
Резултатот се покажа далеку под просекот според очекувањата на аналитичарите за вредност од 56 поени. Податоците ги зголемуваат стравувањата за силно забавување на британската економија. Таа се очекува да забележи раст од 0,5% во третиот квартал од оваа година.
Овие резултати ги намалуваат и очекувањата на централната банка на земјата да прибегне кон зголемување на каматите на средбата која ќе се случи оваа недела, како и на претстојните средби до крајот на годината.
Фунтата се намали по објавените податоци, па сега се тргува на ниво од 1.5187 во однос на доларот. Сериозно намалување забележа британската валута и во однос на еврото.