Просечната исплатена нето плата по работник во ноември 2014 година изнесувала 21.588 денари и бележи зголемување од 2,5 проценти во однос на ноември 2013 година, објави Државниот завод за статистика.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нетоплата по вработен во секторите Стручни, научни и технички дејности за 8,5 отсто, Рударство и вадење на камен за 7,6 отсто и Финансиски дејности и дејности на осигурување за 7,4 проценти.
Намалување на просечната месечна исплатена нетоплата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите Рударство и вадење камен за11,2 проценти, Градежништво за 4,4 отсто и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 2,8 отсто.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна брутоплата по вработен, во ноември 2014 година изнесувала 31. 644 денари и бележи зголемување од 2,4 отсто во однос на ноември 2013 година.
Во ноември 2014 година, 1,1 отсто од вработените во Република Македонија не примиле плата.