Македонскиот претставник во ракометната Лига на шампионите тимот на Вардар е во групата на шест екипи (Веспрем, ПСЖ, Колдинг, Барселона, Вардар, Киелце), кои имаат максимален учинок по трите одиграни кола.
„Црвено-црните“ синоќа во исполнетиот СЦ „Јане Сандански“ го победија бундеслигашот Рајн Некар Ловен со 28:25 (13:13).
По дуелот бекот на Вардар Блаженко Лацковиќ на прес конференцијата изјави:
„Одигравме добар натпревар, за добра сезона. Во вториот дел на голот го имавме Штербик. Во првиот дел и двете екипи имаа предност, но Рајн Некар Ловен беше тој што во поголемиот дел бркаше водство. На стартот од вториот дел резултатот беше 14:14 што беше седмо и последно изедначување“.
Вардар предводен од голманот Арпад Штербик кој „врза“ четири одбрани направи серија од 5:0, а на спротивната страна голманот на РНЛ, Никлас Ландин цели десет минути немаше интервенција.
Сигурната игра продолжи до самиот финиш на задоволство на полните трибини, а во 51.минута беше и највисоката предност за Вардар – 25:18. Во финишот на дуелот гостите со серија од 3:0 го ублажија поразот.
Најефикасен беше Александар Петерсон со седум голови, а кај Вардар Матјаж Брумен постигна шест, додека по пет имаа Алекс Душебаев и Игор Карачиќ. Арпад Штербик натпреварот го заврши со 15 одбрани.
Во следното коло Вардар гостува кај Монпеље во Франција.