За прв пат во 13 од вкупно 34 земји на ОЕЦД беа одржани тестови за финансиска писменост „PISA“, а резултатите од тестовите се загрижувачки.
Резултатите од тестовите покажуваат дека младите не се во состојба да направат ниту наједноставна одлука во секојдневната потрошувачка, а само еден од десет испитаници знаел да реши комплексна финансиска задача, се вели во соопштението на ОЕЦД.
29.000 лица на возраст од 15 години во 18 земји и локални економии учествуваа во ова тестирање. Најдобри резултати оствариле испитаниците од регионот на градот Шангај во Кина, а на второто место се нивните врсници од фламскиот дел на Белгија. Од друга стана, овие лица во Словенија, Франција и Италија оствариле резултати полоши од очекуваните.
Заклучено е дека во државите во кои претходно се постигнати подобри резултати во „PISA“ тестовите по математика и општа писменост, сега биле постигнати подобри резултати и во областа на финансиската писменост. Јазот меѓу половите, сепак, е помал во сегашните тестови за финансии, во сите земји, освен во Италија, каде во предност биле мажите, покажува истражувањето на ОЕЦД.
Од ОЕЦД загрижувачки заклучуваат дека во иднина ќе постои сериозен дефицит од финансиски писмени лица, кои нема да можат да одговорат на предизвиците и проблемите кои се составен дел од економијата на секоја земја, ниту пак во случај на тешка финансиска и должничка криза.