Две децении откако воведоа револуција во сегментот на мали автомобили со првата генерација на „Твинго“, „Рено“ на своето прочуено градско возило му даде нов свеж изглед.
Денеска „Рено“ во јавност ги пушти првите фотографии од третата генерација на „Твинго“ кој светска премиера ќе има на авто-саемот во Женева на почетокот на март.
Првичната идеа на тимот на „Рено“, кој во овој проект соработуваше со „Дајмлер“, била новиот „Твинго“ да биде поголем и поагилен, а меѓу првите решенија во таа насока е и сместувањето на моторот во задниот дел и покрај поскапото производство.
Со сместувањето на моторот во задниот дел на автомобилот се доби пространост во кабината, а погонот на задните тркала дополнително допринесе за агилноста на автомобилот во градски услови.
Новиот „Твинго“ за првпат ќе има пет врати, а понудата ќе се појави со четири различни бои, светло сина, бела, жолта и црвена.
Иако не се објавени официјалните податоци за моторите, во претходните информации се шпекулираше дека еден од агрегатите ќе биде 0.9 „TСe“ бензинец кој ќе се вгради и новата генерација „Ѕmart for two“, a се споменува и електрична верзија.