30 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Урбанизацијата како Вектор на македонскиот економски раст

КОЛУМНА: Урбанизацијата како Вектор на македонскиот економски раст

analizafinansii

Економските вести што веќе два месеци допираат до нас, неочекувано позитивно одекнуваат  во услови на наш Европски застој и релативно лоша економска клима во регионот и пошироко. Прво, Народната Банка на РМ го ревидираше нагоре растот на Македонската Економија за 2013-та со економски раст од 3.3%, потоа, извештајот на Дуинг Бизнис на Светска Банка ја рангираше Македонија меѓу топ десетте реформатори во светот, а во меѓувреме нашата економија генерираше 27.913 нови работни места во споредба со 2012 година. Овие позитивни вести, во услови кога критичките настроени декларации дека застојот на патот кон ЕУ ќе има негативни економски последици за РМ, секако дека влеваат поголема самодоверба кај скептиците и неодлучните, и се повеќе во Македонија се има осет дека полека но сигурно почнува да преовладува мислењето дека ние сме клучот на нашиот развој.

Од економско политички аспект, доаѓањето на политичката сцена на ГРОМ и Алијанса за Позитивна Македонија, како и смената на врвот на СДСМ, ја изоштри и ја елевира економската дебата во земјава на повисоко ниво. СДМС објави неколку економски мерки базирани на фискална реформа, додека Алијансата во главни рамки ја соопшти својата еконимска агенда и се чека објавување на нивната економска програма. Гром исто така објави платформа врз која ја гради својата иднина.

Алијансата преку колумната на господинот Бучковски, најави дека секое задолжување на владата би ги инвестирале во инфраструктурни проекти. СДСМ преку Шекеринска од Битола објави изградба на автопат Скопје-Битола, чија финансиска конструкција не е можна без нови задолжувања. Вакви тонови од опозицијата, задолжување за развојни цели, се нови моменти во однос на довчерашниот опозициски став дека владата ја осиромашува земјата со нови задолжувања, во време кога Македонија е 4-та најнезадолжена земја во Европа, а владата ги подигна капиталните инвестиции на нешто повеќе од 300 милиони евра и најголем дел ги троши во проекти во градежништвото, и со тоа го стимулира поголемиот дел од економијата. Сето ова дава добри индикации дека во иднина идеите за економскиот развој на Македонија ќе се засноваат на здрава економска логика, поткрепена со издржани економски аргументи, а останува до гласачкото тело да избере чија аргументирана економска визија ќе ја избере.

Со ваква подобрена економска реторика, ќе биде интересно какви визии ќе понудат партиите за економскиот развој на нашата држава за следните парламентарни избори, со оглед на тоа дека проектот Скопје 2014 во поголемиот дел ќе биде завршен и добар дел од капиталните инвестиции ќе се ослободат за други потреби.

Одбирање економски развој кој ќе има најголем импакт врз благосостојбата на граѓаните на РМ треба да биде цел. За таа намена се бираат 3-4 вектори на развој, кој би имале најголем долгорочен ефект врз Македонската економија, и на годишно ниво се алоцираат одреден процент од капиталните инвестиции за целниот развој кој се бира. Ваквата економска политика се аплицира консистенто година по година за да се видат одредени планирани резултати.

Еден од најзначајните вектори на економски раст, кој за сега нема централна улога во економските платформи кај нашите политичките партии и е многу важен за реазвојот на РМ е урбанизацијата на нашата држава.

Сегашна Македонија се карактеризира како рурален тип на држава, каде што добар дел од населението живее во субстандардни услови. Фактите го потврдуваат ова. Од 80 општини само една е целосно урбанизирана, општина Центар.

Иако ситуацијата се подобрува, сепак во Македонија 41,78% од патиштата не се асфалтирани, и добар дел од нашите сограѓани возат по макадам и земја.

13,35% од домаќинствата немаат јавен водоводен приклучок во станот или во куќите во кои живеат, наместо тоа се снабдуваат од хидрофори, копани бунари, чешми приклучени на јавен водовод во дворовите во кои живеат, јавни чешми приклучени на водовод итн.

Квалитетот на водата што граѓаните ја пијат, спрема ЈЗУ Скопје е исто така слаб, така да бактериолошките анализи покажале дека 38,46% од земените мостри вода од водоснабдителните објекти во градска населба се неисправни, а 57,14% од мострите од водоснабдителните објекти во села со сопствен водовод се неисправни.  Дури 45% од бактериолошки неисправната вода содржи колиформни бактерии од фекално потекло.

Јавната канализациона мрежа не покрива 40,12% од домаќинствата, и наместо  тоа се користат септички јами. Од постоечката јавна канализациона мрежа пак само 10% од водата се третира во пречистителни станици а дури 90% од канализациската отпадна вода се исфрла нетретирана во реките, езерата итн.

Во Македонија има 70 комунални депонии но ниту една во моментов не ги задоволува модерните стандарди за третман на отпад. Сите комунални предпријатија во Македонија собираат околу 70,69% од генерираниот отпад. За жал, 29,31% од создадениот отпад не се собира, наместо тоа се остава каде што им е погодно на оние кои го создаваат. Ситуацијата се менува во овој сектор, со тоа што минимум две регионални депонии се во фаза на превземање од странски оператор, но има уште многу да се направи.

Инвестирањето во урбанизацијата на Македонија ќе го подигне нивото на квалитет на живот кај граѓаните, но последиците ќе бидат присутни во разни индустриски гранки и сектори на социо-економскиот живот на земјава.  На пример, трошоците за здравство ќе се намалат како резултат на зголемена хигиена на населението.  Туризмот ќе биде поатрактивен зошто руралните средини ќе имаат понормални услови за живеење, а нивото на услугите во туризмот и угостителство ќе биде на повисоко ниво. Во сегашни услови, кога ќе отидете во некој рибник,  ресторан или хотел, во внатрешноста на земјава, келнерот што ве служи најверојатно цапа во кал за да дојде на работа, има полско вц или септичка јама дома, фрла ѓубре кај стигне, а квалитетот на водата која ја пие е од сомнителен квалитет. Каква услуга очекуваме од овие луѓе? Или пак дали може да очекуваме ефикасен развој на туризам, угостителство и други индустриски гранки од наши сограѓани чии основни потреби не се задоволени?

Финасирање на економска политика која нуди урбанизација би се одвивала преку капиталните инвестиции и за една забрзана имплементација, добро би било 30% од капиталните инвестиции на годишно ниво да се алоцираат за оваа потреба. Односно, потребни се 110 милиони евра годишни инвсетиции од можните 340 милиони Евра што и се на располагање на Владата. Друга можност е давање на приватни оператори да оперираат со водоводите, канализациите заедно со пречистителните станици, како тоа што сега е во тек со депониите. Како додаток на овие средства ќе се приклучат фондовите на ИПАРД и на други финансиски институции, како што е Европската Банка за Обнова и Развој, кои би биле на располагање за подршка на урбанизацијата, со што потенцијалот на инвестирањето би се зголемил за додатни 30-40% од планираните.

Сконцентрирајќи дел од економската политика во полето на урбанизација на Македонија, дефинитивно ќе се забрза економскиот раст, подобри животниот стандард и квалитет на живот, а  ќе овозможи нови можности за понатамошен раст на додатни индустриски гранки, кои во овој момент се супресирани. Финасиски средства има, можностите се пред нас и до нас е да ги реализираме.

sasho

Сашо Маневски

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП