Европската полициска служба (Европол) денес соопшти дека вкупно 380 натпревари се наместени, вклучувајќи ги квалификациските натпревари за Светското и Европското првенство, како и двa натпревари од Лигата на шампионите.
Директорот на Европол, Роб Венрајт изјави дека во 18-месечната истрага се откриени 425 луѓе од 15 земји кои се занимавале со местење на натпревари, како и со нелегално обложување од кое стекнале осум милиони.
Тој откива дека на учесниците во местењето на натпревари им биле платени два милиони евра, а најголемата поединечна исплата била 140.000 евра.
„Ова е тажен ден за фудбалот“, изјави Венрајт на прес-конференцијата за новинари во Хаг.
„Ова е досега најголемата истрага за наводно местење на натпреварите во Европа. Постигнавме големи резултати и сметам дека интегритетот на европскиот фудбал е нарушен. Откривме голема криминална мрежа“, изјави тој.