„OnePlus“ конечно го претстави својот водечки телефон за годината на глобално ниво. Со оглед на тоа дека хардверот останува ист, прво ќе се фокусираме на достапноста и деталите за цената на телефонот.
Така, предпродажните цени на телефонот се движат од 829 евра за моделот 8/128 GB до 899 евра за моделот 16/256 GB. Испораките до клиентите ќе започнат на 16-ти февруари. Има некои дополнителни бонуси за нарачки однапред, како што е бесплатен звучник од втората генерација на „Bang & Olufsen A1“, итн.
„OnePlus“ потврди дека „OnePlus 11“ ќе биде првиот телефон на компанијата што ќе добие четири главни надградби на „Android“ и пет години безбедносни надградби.
Телефонот се напојува со чипсет „Snapdragon 8 Gen 2“. „OnePlus 11“ е опремен со 6,7-инчен AMOLED LTPO 3.0 екран со резолуција од 1440p. Има прилагодлива стапка на освежување од 1Hz до 120Hz.
Батеријата од 5.000 mAh со поддршка за брзо полнење од 100 W е одговорна за автономијата на телефонот.
Има три сензори за камера на задната страна. Сензорот за главната камера е „Sony IMX890“ од 50 MP со повеќенасочна поддршка за PDAF и OIS. Ултра широкиот сензор е исто така на Sony – 48MP IMX581 со автофокус што овозможува користење на макро камера. Има и 2x телефото камера – Sony IMX709 сензор од 32 MP. На предната страна има селфи камера со сензор од 16MP.
Покрај овој телефон, „OnePlus“ ги претстави и „OnePlus Buds Pro 2“, со почетна цена од 179 долари. Слушалките, меѓу другото, се карактеризираат со поддршка за просторен звук, транспарентен режим и автономија до 39 часа со вклучен „ANC“.