30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРуската економија е „гладна за работна рака“, но ја плаќа цената на...

Руската економија е „гладна за работна рака“, но ја плаќа цената на мобилизацијата (ИНФОГРАФИК)

Делумната мобилизација во Русија поради војната во Украина доведе до недостиг на работна сила и проблеми во цели сектори, пишува „Bloomberg“.

Два месеци откако Кремљ ја објави мобилизацијата кон крајот на септември, земјата која веќе се бори со стареењето и намалувањето на населението се соочува со рекорден недостиг од работници.

Студијата на Институтот Гајдар во Москва во ноември покажа дека една третина од руската индустрија може да се соочи со недостиг на персонал поради мобилизацијата, најлошата криза од 1993-та година.

„Агрокомплекс“, голема земјоделска компанија на југот од земјата, веќе има потешкотии да пополни позиции за трактористи и други работници, покрај специјалистите во областите како што е агрономијата, за што долго време ѝ се отежнуваше, вели Ирина Хмелевскаја, раководител на оддел за селекција на кадри. За ова делумно е виновна мобилизацијата, посочува таа.

Мобилизирањето на 300.000 мажи, во комбинација со уште поголемиот бран на емиграција што го предизвика, ќе ја намали машката работна сила во земјата за 2%. Ова е една од главните причини зошто „Bloomberg Economics“ сега ја проценува потенцијалната стапка на економски раст на Русија на само 0,5% – половина од нивото пред војната.

Заканата дека недостигот на работна сила на крајот ќе доведе до инфлациски притисоци веќе ја поттикна руската централна банка да го одложи намалувањето на каматните стапки. Мобилизацијата и егзодусот што таа го предизвика погоди различни делови од општеството, погодувајќи ги и работниците во канцелариите во градовите и луѓето во руралните области.

Во Новосибирск, најнаселениот град во Сибир, локалните власти велат дека можат да ангажираат само половина од персоналот потребен за чистење на улиците од снегот, бидејќи голем дел од сезонската работна сила е мобилизирана. Повеќе од 200 затвореници ќе бидат распоредени да работат во државниот производител на тенкови „Уралвагонзавод“.

Третина од компаниите загубија персонал поради мобилизацијата, а речиси една петтина изјавија дека допрва треба да најдат замени, покажа истражувањето во ноември. Меѓу градителите на инфраструктура, огромното мнозинство се соочува со се поголем недостиг на квалификувана работна сила и очекува недостатокот да се влоши во наредните квартали.

Бројот на слободни работни места во секторот за информатичка технологија и телекомуникации се зголеми за 15% во октомври во споредба со претходниот месец, соопшти руската компанија за онлајн вработување „Superjob“. Од мобилизацијата, резимеа од руски граѓани ги преплавија земјите во поголемиот дел од таканаречениот постсоветски регион и Турција, при што ИТ професионалците сочинуваат една петтина од вкупниот број, според податоците од „HeadHunter Group Plc“, најголемата руска онлајн платформа за барање на работа.

Наталија Данина, раководител на аналитичкиот оддел на „HeadHunter“, вели дека расте побарувачката за таканаречени работници со сина јака (работници кои вршат физичка работа). Возрасната група од 20 до 24 години во земјата моментално брои не повеќе од 7 милиони луѓе, што е нагло намалување од повеќе од 12 милиони пред една деценија, објаснува таа.

„Ова се застрашувачки бројки, Исто така, многумина може да имаат здравствени проблеми поради стрес. Физички нема доволно луѓе!“, вели Данина.

Според Данина, постарите лица, заедно со жените и тинејџерите, стануваат важен извор на работници. Мигрантите сочинуваат до 10 отсто од локалниот пазар на труд, а Русија се повеќе се потпира на нив за да го прошири својот базен на нискоквалификувана работна сила.

Во меѓувреме, излезните миграциски текови продолжија од почетокот на годината, покажаа официјалните податоци објавени во средата, при што бројот на луѓе што ја напуштија Русија се удвои во првите девет месеци на повеќе од 323.000 лица.

Недостигот на работна сила може да стане голема ранливост за Русија, бидејќи земјата се движи кон пад што веројатно ќе продолжи и во следната година под притисок на западните санкции.

Речиси половина од компаниите анкетирани од Институтот Гајдар велат дека недостигот на кадар ќе ги спречи да го зголемат производството дури и ако има доволна побарувачка.

„Стравот и неизвесноста предизвикаа многу сериозно одлив на мозоци и капитал од земјата, што им наштети на многу сектори“, коментира Евгениј Коган, професор на Вишата економска школа во Москва.

„Доколку овој огромен развоен потенцијал остане надвор од земјата, тоа ќе доведе до сериозен иден пад на економијата“, додава професорот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП