4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПродажбата на „L’Oreal“ расте по големата побарувачка за скапи креми и парфеми

Продажбата на „L’Oreal“ расте по големата побарувачка за скапи креми и парфеми

Продажбата на француската козметичка компанија „L’Oreal SA“ се зголеми бидејќи ја искористи зголемената побарувачка за своите луксузни производи и покрај ограничувањата поради коронавирусот во Кина, објави „Bloomberg“.

Продажбата се зголеми за речиси 14 отсто во првиот квартал, објави „L’Oreal“, надминувајќи ги проценките на аналитичарите. Три од четирите главни дивизии се двоцифрени.

Луксузната единица, која вклучува брендови за нега на кожа како што се „Helena Rubinstein“ и парфемите „Yves Saint Laurent“, ја зголеми продажбата за речиси 18%. Вкупната продажба на единицата го надмина бизнисот со производи за широка потрошувачка за масовниот пазар за прв пат од минатата година. Вториот, пак, забележа раст од 6,9% во кварталот.

„L’Oreal“ имаше проблеми со снабдувањето кои нема да бидат целосно решени во вториот квартал, изјави извршниот директор Никола Џеронимус пред аналитичарите. Тој предвидува дека пазарот на козметика ќе порасне меѓу 4% и 5% во оваа година, а „L’Oreal“ ќе го надмине тој раст.

„„L’Oreal“ нема да може целосно да го надомести зголемувањето на производствените трошоци за своите производи, што ќе влијае на бруто-маржата во првата половина од годината“, рече главниот финансиски директор Кристоф Бабул.

„Ова е и покрај мерките за зголемување на цените на производите, особено за новите понуди и за намалување на трошоците за рекламирање и промоција како процент од вкупната продажба“, објасни тој.

Во Кина, компанијата забележа двоцифрен раст во првиот квартал, надминувајќи го вкупниот пазар во земјата благодарение на маркетинг кампањите за кинеската Нова Година, Денот на вљубените и Денот на жената, се вели во корпоративното соопштение. Иако сегашните рестриктивни мерки поради коронавирусот влијаат на побарувачката, Бабул е уверен дека апетитот на кинеските потрошувачи за козметика може брзо да закрепне откако ќе се олеснат мерките, како што се случи пред две години.

„Долгорочно, овој пазар продолжува да блеска. Кинеските потрошувачи покажуваат силна желба за производи за убавина, а како што расте средната класа, демографијата останува во корист на групацијата“,вели Рос Хиндл, аналитичар во истражувачката компанија „Third Bridge“.

Џером истакна дека групацијата сè уште продава основни производи во Русија. „Ги преземаме сите соодветни мерки за да ги надоместиме сите ризици за репутацијата поврзани со присуството на компанијата таму. Доколку ситуацијата тоа го бара, ќе направиме корекции“, додаде тој.

Минатиот месец, „L’Oreal“ објави дека привремено ги затвора продавниците, како и својата страница за е-трговија во Русија, иако нејзината фабрика во близина на Москва останува отворена. Русија учествува со околу 1,5% од вкупната продажба на „L’Oreal“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП