30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДа се селектира отпад не е тешко, треба само висока еколошка свест...

Да се селектира отпад не е тешко, треба само висока еколошка свест и добра организација

Да се селектира отпад не е тешко, напротив потребна е само висока еколошка свест, малку волја и добра организација. Една од најважните алки во одвојувањето на отпадот се домаќинствата, каде што се врши првата и најдетална поделба на различните видови отпад кои можат да се реупотребат или да се рециклираат. Тоа се пластиката, хартијата, стаклото, батериите, електричните и електронските апарати, текстилот…. Секое домаќинство во земјава годишно создава огромни количини отпад кој не смее да заврши на депонија, а само во Скопје, секој месец домаќинствата создаваат по 20.000 тони ѓубре.

Селекцијата на отпадот е значаен дел од циркуларната економија кон која се стреми секое модерно општество во борбата со климатските промени и нивните ефекти врз планетата Земја и нашето здравје. Годинава, денот на еколошкиот долг (Earth Overshoot Day) беше 22 август, кога светската популација целосно ги искористи ресурсите што Земјата може да ги обнови во текот на една година. Македонија, пак, своите еколошки ресурси ги истроши дури и порано, на 22 јули. Со оглед на тоа дека до крајот на годината ни остануваат уште неколку месеци, јасно е дека човештвото драматично ја искористува планетата и троши многу повеќе отколку што таа може да понуди.

Истовремено, светот произведува огромни 2,12 милиони тони отпад секоја година, за што ни се потребни околу 1.6 планети за да го апсорбираат. Проценките се дека до 2030 година ќе ни требаат две планети за да го складираме ѓубрето што го создаваме! Заради тоа многу е важно секој човек, секое семејство и домаќинство да ја осознае својата улога во зачувувањето на ресурсите, преку селекција и употреба на отпадот како секундарна суровина.

Како селективното одложување отпад да стане дел од нашата секојдневна рутина? Одговорот е едноставен, со добра организација во домот или на работното место. Две до три посебни канти во боја се доволни за да се изврши примарната селекција на пластика, стакло, хартија и потоа отпадот лесно да се транспортира до сините, жолтите или зелените контејнери на „Пакомак“ за селекција на отпад. Големината на кантите зависи од количината на отпадот што го создава домаќинството и од видот кој најмногу се собира. Еден од полесните начини е и комбинирање на два типа отпад во една канта, на пример, пластика и стакло и нивно одвојување директно во големите контејнери.

Изговорите дека немаме доволно простор во домот за различни канти одамна треба да се надминати. Секое семејство собира иста количина отпад, без разлика дали го собира во една голема или го дели во три помали канти. Создадете „зони за рециклирање“ дома, а најлесно е доколку тие можат да бидат во двор или на тераса, или пак во кујната.

За да стане рутина, одвојувањето на отпадот треба да биде обврска на целото семејство. Вклучувањето на децата во кругот е од извонредна важност, бидејќи тие навиката од дома ќе ја применуваат и во училиште и на улица. Избор од две или три мали кантички, кои ќе бидат наменети само за детската соба, е одличен почеток за учење кој отпад како се селектира. Секојдневните училишни активности создаваат големи количини отпадна хартија, а децата мора да знаат дека со нејзино рециклирање годишно се спасуваат огромен број дрвја од сечење. На пример, истражувања во САД покажале дека 544.000 дрвја би можеле да се спасат секоја година ако секое домаќинство користи само една хартиена ролна помалку. Правилното управување со отпадот исто така влијае и на намалување на загадувањето на воздухот, водите и почвите, а реупотребата и рециклирањето за намалено искористување на природните ресурси и за развој на зелената економија.

Според официјалните податоци во земјава годишно се создаваат околу 117.000 тони амбалажен отпад, од кои преку системот на „Пакомак“ се собираат околу 28.000 тони хартија, пластика, стакло, метал и дрво, или 55 отсто од од вкупно 50.000 тони, колку што созадваат компаниите кои се членки на системот. Во компанијата велат дека бројот на граѓани кои селектираат отпад секоја година расте, а „Пакомак“ ги следи нивните потреби со поставување на нови садови за селекција низ градовите.

„Истражувањата во последните седум години, направени во повеќе градови низ земјата покажуваат дека се повеќе луѓе го селектираат отпадот од амбалажа. Последното истражување од февруари оваа година покажува дека кај 23 отсто од граѓаните селекцијата на отпадот е секојдневна рутина, додека 24 отсто селектираат само понекогаш. Бројката од 44 отсто од граѓаните кои минатата година изјавиле дека воопшто не селектираат, годинава е намалена на 31 отсто“, посочуваат во „Пакомак“.

Компанијата годинава ќе постави нови 300 игло контејнери за собирање на стаклена амбалажа и 100 метални жолти контејнери за селектирање на ПЕТ пластика. На тој начин стакло ќе може да се селектира во 35 урбани општини, а истовремено, „Пакомак“ ќе инвестира и во синџирот на селекција од Хо-Ре-Ка секторот. Таму годинава ќе се донираат повеќе од 1200 канти од 120 литри, со што кругот на еко кафулиња и ресторани ќе го зголеми бројот, а стаклената амбалажа соодветно ќе биде испратена на рециклирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП