Грбав кит долг најмалку пет метри е забележан во реката Темза источно од Лондон скоро една година откако китот белуга за прв пат е виден во британскиот главен град.
„Сигурни сме 99,99 проценти дека станува збор за грбав кит, повеќе пати е забележан“, изјави портпаролот на пристаништето во Лондон, кој ја надгледува реката.
Кит белуга наречен „Белуга Бени“ помина три месеци во реката Темза минатата година.
„Ова не е Бени, а ниту ни кит белуга“, додаде портпаролот.
Грбавите китови, некогаш ценет плен меѓу ловците заради својата маст, можат да тежат и до 40 тони и да пораснат до 18 метри.
Грбавите китови мигрираат десетици илјади километри годишно помеѓу богатите прехранбени подрачја во Арктикот и тропските води каде што се парат.