Мобилната апликација „WhatsApp“ наскоро ќе им овозможи на корисниците да создадат групи, во кои само администраторите ќе можат да испраќаат пораки, пренесува „Cnet“.
Откако корисниците на мобилните оперативни системи „iOS“ и „Android“ ќе направат надградба до најновата верзија на апликацијата, тие ќе можат да создадат групи, во кои само еден од членовите ќе има моќ да зборува, а сите други ќе бидат „молчелива“ публика.
„Една од причините луѓето да ги користат овие групи е да добиваат важни пораки кои се однесуваат на родители и наставници, информации од јавни центри или невладини организации“, пишува компанијата.
„Пуштањето на нови поставки е за да им овозможиме на администраторите да користат подобри алатки во вакви случаи“, додаваат од „WhatsApp“.
Откако корисниците веќе имаат најновата верзија, тие можат да ја отворат секцијата „Group Info“, потоа „Group Settings“ и „Send Messages“, а на крајот да ја изберат функцијата „Only Admins“. На овој начин, тие ќе можат да создадат група во која ќе ги информираат другите корисници.