Вонредна средба на ЕУ со цел да се најде европско решение за прашањето со бегалците ќе се одржи в недела во Брисел, објави агенција АПА.
Седум држави ќе се состанат во Брисел со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на тема илегална миграција, зајакнување на даблинскиот договор и улогата на Фронтекс.
На состанокот ќе присуствува и германската канцеларка Ангела Меркел, како и шефовите на држави и влади на Италија, Франција, Шпанија, Грција, Бугарија и на Австрија.
Вонредната средба е подготовка за самитот на ЕУ закажан за четврток и петок.
Меркел е под силен притисок во Германија за нејзината политика кон барателите на азил и сака да најде европско решение за спречување колапс на коалицијата ЦДУ/ЦСУ. Имено, партијата ЦСУ испрати ултиматум до Меркел до крајот на јуни да најде европско решение за проблемот со мигрантите.