2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКому му следува К-15? Остануваат уште 20 дена за исплата!

Кому му следува К-15? Остануваат уште 20 дена за исплата!

До крајот на годината вработените во приватниот сектор треба да добијат регрес за годишен одмор…

Најмалку 9.164 денари треба да легнат на сметките

Најмалку 9.164 а најмногу 13.470 денари треба да легнат на сметките на вработените во приватниот сектор до крајот на месецот. Тоа е сумата во чии рамки се движи регресот за годишен одмор односно К-15. Износот треба да биде најмалку 40% од просечната нето плата или најмногу 40% од просечната бруто плата во август кои изнесувале 22.912 односно 33.675 денари.

„Даночната регулатива дозволува на работодавачот во даночниот биланс да му биде признаен како трошок и износот 40% од просечната бруто плата“ објаснува Маре Анчева од Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР).

Работникот треба да работи најмалку 6 месеци кај ист работодавец за да го исполни условот за регрес.

Дел од газдите си поигруваат со исплатата

Фирмите имаат рок до 31 декември за исплата на К-15, во спротивно следува глоба од 2.000 до 3.000 евра која би ја платило правното лице и 500 до 1.000 евра за одговорното лице .

И покрај сериозните глоби, дел од газдите си поигруваат со исплатата. Најчестата злоупотреба е префрлање на парите на трансакциска сметка, но со обврска работникот да ги му ги врати на газдата во кеш. Луѓето се плашат за своето работно место, па често без да се побунат го прават токму ова.

Нема податоци колку често се прават вакви злоупотреби. Податоците на Сојузот на синдикати (ССМ) покажуваат дека лани правна помош по овој основ побарале 528 членови, а во првата половина од годинава 200.

„Обраќањата по овие основи се во континуитет во најголем број, за кои службите на ССМ преземаат правни дејствија и постапки за заштита на работничките права. Исплатата на плата е основно и најзначајно право од кое зависи егзистенцијата на работникот и неговото семејство и затоа работниците се најмотивирани да се обратат за заштита кога се работи за остварување на ова право“, велат од ССМ.

Од друга страна во Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство велат дека нема проблеми во секторите кои тие ги покриваат.

„До сега не сме имале поголеми проблеми со исплатата на регресот и не претставувало проблем ниту за работодавачите ниту за членовите на нашиот синдикат“ вели Маре Анчева од СИЕР.

Нема регрес за јавниот сектор

Вработените во јавниот сектор и годинава ќе останат без К-15 зашто тој не е пропишан со нивниот Колективен договор кој е од 2010 година.

Иако гранскиот синдикат во рамките на ССМ повеќе години прави обиди да се смени и овој колективен договор и во него и за работодавците од државниот сектор да се воведе обврската да им исплатуваат К-15 на работниците, резултати се уште нема.

За буџетските корисници и единките корисници во нивен состав, како и за вработените во сите правни лица во кои државниот капитал учествува со минимум 49 отсто, регресот за годишен одмор е пропишан со Законот за исплата на платите. Според членот 9 на овој Закон работодавачот може да врши исплата на регрес за годишен одмор најмногу до 60 отсто од просечната месечна нето плата по работник објавена до денот на исплатата. Но, овој Закон само создава можност, но не и обврска за работодавачите од јавниот сектор да исплатат К-15.

Општините Центар, Гостивар и Струга склучија нов колективен договор со своите вработени кој предвидува исплата на регрес за годишен одмор.

К-15 беше вратен пред три години

Законската обврска за исплата на регрес за одмор беше укината во 2005-та и по девет години, со последните измени на Општиот колективен договор за приватниот сектор, повторно се воведе во 2014-та.

„Работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа, утврдени со закон и колективен договор и тоа: регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач… Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор“ стои во Општиот колективен договор.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП