Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со Филмскиот фестивал „Џифони – Македонија“, вечерва со почеток во 19:45 ч. во киното „Фросина“ организира проекција на филмот „Човекот во филмската камера“. Филмот е во италијанско-македонска копродукција, а ќе биде прикажан по повод Неделата на италијанскиот јазик во светот.
„Човекот во филмската камера“ е филм направен во чест на кинематографијата воопшто, како и на нејзините форми на изразување, за нивната сложеност и севкупност, а се справува и со отворените комплексни прашања, како што е транзицијата од аналогното на дигиталното. Перцепцијата на реалноста и филмското платно како алтернативна реалност се другите прашања со кои се соочува ова уникатно металингвистичко авторско дело.
Филмот на италијанскиот режисер и продуцент Микеле де Анџелис е италијанско-македонска копродукција, неговата македонска и светска премиера се одржа на неодамнешниот 38. Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, а тука, во Скопје, ќе биде прикажан во рамките на XVII „Недела на италијанскиот јазик во светот“.
Филмот е со превод на македонски јазик, а влезот е бесплатен.