На Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово денеска во присуство на министрите за економија и за образование и наука, Ваљон Сарачини и Панче Кралев, беше промовиран Технолошкиот парк како прва ваква институција во Македонија.
Ректорот на УЈИЕ, Замир Дика информираше дека паркот е нивна инвестиција вредна околу 50 илјади евра, а целта е да послужи како бизнис инкубатор преку кој сите студенти можат да ги реализираат своите бизнис-идеи во пракса со користење на најсовремениот софтвер и хардвер со кои располага Универзитетот.
– Овој технолошки парк е фокусиран на ИКТ индустријата бидејќи тоа е во согласност со стратегиските цели на јавната политики за економски развој во државата и во регионот. Втората причина е тоа што ИКТ секторот кај нас покажува знаци на одржлив развој. Како последна причина е кадровскиот потенцијал што го нуди универзитетот во областа на компјутерските науки, компјутерското инжинерство и бизнис информатиката, рече ректорот Дика.
Иновацијата како главен производ на овој прв технолошки парк во Македонија, потенцира министерот Кралев, има големо значење и претствува можност за најуспешна комерцијализација на знаењето.
– Во Македонија веќе работи Комитетот за иновации во кој учествуваат и Министерството за образование, како и за економија. Овие два чинитела со помош на ОБСЕ веќе имаат изработено и Стратегија за поттикнување на иновациите што треба да се преточи преку новиот закон за иновативна дејност што веќе е во собраниска процедура, изјави министерот Кралев.
Министерот Сарачини посочи дека согласно извештајот на Европската комисија студентите покажуваат големо теориско знаење но, подвлече, тоа не е случај со праксата.
– Затоа, овој технолошки парк е инвестиција што и требаше на Македонија долго време, а тоа е само продолжение на таканареченото паметно партнерство – државни институции, реален стопански сектор и универзитетите што дава добра основа за понатамошен развој на општеството, рече Сарачини.
Според градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи општината максимално ќе ги поддржи ваквите иницијативи во кои знаењето е најважниот фактор за постигнување и развој во иднина на регионот, но и пошироко.
Во рамки на Технолошкиот парк на УЈИЕ има простор за 9 компании кои постојано ќе бидат присутни во Универзитетот како можност на студентите да ги реализираат своите идеи во ИКТ секторот.