30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтруја: евтина тарифа и либерализиран пазар – што ќе значи ова за...

Струја: евтина тарифа и либерализиран пазар – што ќе значи ова за цените?

Се враќа дневната евтина тарифа на струјата. Електричната енергија ќе биде со помала цена и од 14 до 16 часот попладне, а не како досега само од 22 до 7 часот наутро. Во недела евтина тарифа и натаму ќе има цел ден односно 24 часа.

Дневна евтина тарифа од 1 октомври

Владата веќе ја донесе одлуката која стапува во сила од 1 октомври. Надлежните тврдат дека ова нема да предизвика општ пораст на цената на струјата ниту ќе значи субвенционирање на енергетските компании – парите ќе се надоместеле со проектираните заштеди кои сега се правеле.

„ЕВН Македонија нема да добие субвенција за евтината тарифа на струјата, иако очекувано, ќе бележи загуби. Домаќинското работење на компаниите ќе биде изворот на средства. Такви заштеди се веќе направани“ рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Пресметките покажуваат дека годишните трошоци за враќање на евтината тарифа ќе достигнат осум милиони евра а мерката ќе важи и по либерализацијата на пазарот.

„Исполнуваме уште една од ветените владини мерки. Парите ги враќаме на граѓаните, а најмногу ќе заштедат посиромашните“ вели премиерот Зоран Заев.

Владата претходно и наложи на Регулаторната комисија за енергетика да преговара со засегнатите страни. Потребно е да се направи и измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи.

Енергетичари: потребни се поопсежни анализи

Аналитичарите предупредуваат дека воведувањето на евтина тарифа повторно би удрило на грбот на граѓаните – разликата ќе мора од некаде да се надомести. Препорачуваат подлабински анализи пред преземање на ваков чекор.

„Тоа ќе ги зголеми трошоците во буџетот кој се полни или од даноците или од задолжување, значи повторно се враќаме кај граѓаните. Наместо евтина тарифа подобра варијанта би било да се продолжи одреден период проектот за субвенционирање на сметките за струја на социјално загрозените жители, ним најмногу им треба поддршка“ изјави неодмна проф. д-р Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.

Секретаријатот на Енергетска заедница веќе дал зелено светло за воведување на евтината дневна тарифа за струја за домаќинствата, информираат од Владата.

Почнува процес на либерализација на пазарот

Во подготовка е и нов закон за енергетика. Се очекува да влезе во Собрание во ноември. Од Владата велат дека во него ќе бидат пресликани европските правила и регулативи.

„Станува збор за реформски закон што ќе биде усогласен со обврските што се превземени од Енергетска заедница за имплементација на третиот пакет, што претставуваат сет на директиви и регулативи на Европската Унија. Рокот до кога требаше да се имплементира третиот пакет беше 1 јануари 2015 година, а непочитувањето на превземените обврски беа причина Европската енергетска заедница да отвори спор против Македонија“ се наведува во соопштението на Владата.

Претходната власт ја одложи имплементацијата на третиот пакет во кој влегува либерализацијата на пазарот и за домаќинствата тврдејќи дека тоа ќе доведе до драстично поскапување на струјата. Рокот од 2015-та беше поместен на 2020-та.

Од друга страна експертите сметаат дека либерализацијата несомнено ќе ја поскапи струјата за домаќинствата. Според нив иако Владата не ја утврдува цената со ваквиот потег индиректно ќе предизвика поскапување.

„Претходната Влада цврсто стоеше на ставот дека нема да има поскапување на струјата. Останува да видиме што ќе направи новата. На берзата цените се одредуваат од понудата и побарувачката. Има дневни, месечни и годишни цени кои варираат. Не е благодарно да се предвидува, но многу е веројатно дека цените би оделе нагоре“ смета проф. д-р Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.

Цената неминовно ќе расте и поради малото домашно производство, сметаат експертите. Сега околу 30% од потребите се задоволуваат од увоз.

Регулаторната комисија за енергетика во последните две години минимално ја намалуваше цената на струјата за по 0.25%.

Законските измени ги турка вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој доаѓа токму од енергетскиот сектор. Неговата компанија ЕДС (Енерџи деливери солушнс) е меѓу најголемите играчи на пазарот.

Откако беше именуван во Владата Анѓушев ги напушти раководните позиции во ЕДС, но остана дел од сопственичката структура а тогаш компанијата најави дека ќе се направи промена и во овој дел.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП