Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, планира да остане во клубот уште најмалку 15 години и да остави трага како што тоа претходно го направи сер Алекс Фергусон.
Португалскиот тренер минатото лето го презеде Манчестер јунајтед и во својата прва сезона освои три трофеи (Лига Европа, Лига куп и Комјунити Шилд).
„Подготвен сум за таков потфат, да бидам уште 15 години во Манчестер. Сакам да останам толку долго, зошто да не?“, изјавил 54-годишниот Мурињo за ЕСПН.
Португалецот на „Олд Трафорд“ ги наследи неуспешните менаџери Дејвид Мојс и Луј ван Гал, кои во клубот дојдоа кога заврши 27-годишната ера на легендарниот Алекс Фергусон.
„Кариерата на Фергусон е единствена. Мислам дека никој не може да ја достигне, тој го водеше клубот толку многу години. Последен со слична приказна е Арсен Венгер, но тоа во модерниот фудбал повеќе го нема. Доколку имаш успеси, остануваш, во спротивно – заминуваш“, порача Мурињо.
Жозе Мурињо е поранешен тренер на Порто, Челси, Интер и Реал. Во секоја држава ја освојувал националната титула, а со Порто и Интер ја освои и Лигата на шампионите.