Русија се согласи да го продолжи рокот за враќање на кредитот кој го одобри за Кипар, изјави во Вашингтон министерот за надворешни работи на островската држава, Јоанис Касулидис.
Тој, како што пренесува агенцијата Итар Тас, изјави дека во времето на решавање на кипарската криза „учеството“ на Русија било побарано од Германија. Според зборовите на Касулидис, тоа учество се гледа во продолжувањето на рокот.
Кредитот во висина од 2,5 милијарди евра што Русија му го даде на Кипар во 2011 година е со рок на отплата од 4,5 години и каматна стапка од 4,5 проценти годишно.
Вчера беше објавено дека Министерството за финансии на Кипар, упатило писмо до руската влада со молба за продолжување на рокот за отплата на кредитот, намалување на каматната стапка на 2,5 проценти и можност на отплата во неколку рати.