Стапката на невработеност во Германија во октомври опадна на ново најниско ниво од обединувањето во 1990 година, покажаа официјалните податоци.
Според податоците на федералната Агенција за вработување, бројот на невработени лица минатиот месец опаднал за 68,000 во однос на септември, на 2,54 милиони, додека стапката на невработеност изнесувала 6,0 проценти, што е новото најниско ниво од обединувањето на Источна и Западна Германија во 1990 година, година дена по падот на Берлинскиот ѕид, пренеусва агенцијата Франс прес.
Аналитичарите кои ги анкетираше истражувачката компанија Фактсет предвидуваа стапка на невработеност од 6,1 проценти.
„Во склад со есенското закрепнување, стапката на невработеност значително опадна, додека вработувањето повторно порасна, а побарувачката за работници исто така бележи раст“, изјави шефот на агенцијата за вработување, Франк Вајс.
Растечките приходи и ниските трошоци на енергенти придонесоа, како што порачаа од агенцијата, за поттикнувањето на домашната потрошувачка и економскиот раст на Германија.