На последниот трговски ден оваа седмица на Македонската берза за хартии од вредност беше остварен највисок промет за изминатите пет трговски дена, и тоа во износ од 12,4 милиони денари.
Со акциите беа реализирани 82 отсто од прометот, додека остатокот беше реализиран преку единствената истргувана обврзница, во моментов „најатрактивната“ РМДЕН15.
Комерцијална банка во петокот дефинитивно беше во фокусот на инвеститорите. Беа истргувани вкупно 2.384 лота по просечна цена од 2.499,87 денари со што акцијата ја предводеше листата со највоск остварен промет.
Меѓу „милионерите” ,освен обврзницата, се најдоа и акциите на Макпетрол АД, со 1,5 милиони денари, и акцијата на ТТК банка со 1,4 милиони денари.
Индексот МБИ10 се приближува кон границата на 2.000 индексни поени. Денеска порасна за 0,43 отсто и изнесуваше 1.955,13 индексни поени, додека ОМБ минимално се намали за 0,01 отсто и изнесуваше 127,36 индексни поени.