Продажбата на автомобили на американскиот пазар во ноември се доближи до рекордните нивоа, благодарени на засиленото рекламирање и зголемената потрошувачка, но продажбата на возилата на Volkswagen падна за 25 отсто по скандалот со измамата на еко-тестовите.
На американскиот пазар минатиот месец продажбата на автомобили порасна за 1,4 отсто во однос на истиот месец лани, на 1,32 милиони, што е сосема близу рекордната продажба во ноември 2001 година.
Поради тоа многу аналитичари очекуваат дека во оваа година ќе биде надмината рекордната продажба од 2000 година, кога на американскиот пазар биле продадени 17,35 милиони автомобили.
Тоа најмногу се должи на зголемените инвестиции во рекламирањето и стабилниот раст на потрошувачката.
Според податоците на i.Sport.tv, компанијата која го следи огласувањето на телевизиите, авто индустријата вложила во октомври и ноември околу 1,10 милијарди долари во телевизиско огласување, што е речиси за 25 отсто во однос на истиот период лани.
Речиси сите производители, кои досега ги објавија податоците за продажба во ноември, забележаа раст. Така на пример, продажбата на Toyota и на Fiat Chrysler порасна за над 2 отсто, на General Motors за 1,5 отсто, а на Ford за 0,4 отсто.
Меѓутоа, продажбата на возилата на Volkswagen во ноември се намали за 24,7 отсто во однос на истиот период лани, на околу 24.000 возила.