Ставот на екологистите е дека групата е целосно закочена и немала ниту еден состанок после своето основање, што е безмалку две години.
О2 апелираше и до медиумите, да им постават прашање на пратениците членови на Комисијата, како ќе постапат по доставените до нив предлог-амандмани на седницата, дали ќе ги поддржат и усвојат и ако не, зошто не.
„Ние поднесовме 17 предлог амандмани до сите пратеници, но бевме известени дека рокот за поднесување изминал кога се расправаше за Законот на пленарна седница. Зошто не ја закажале седницата подоцна, за да може нормално да се поднесат амандмани? Самата заменик-министерка за животна средина, Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, изјави на седницата дека се отворени за дискусија и да се достават амандмани, со цел подобрување на законот. Како да се достават, кога рокот бил само два часа после седницата? Нејсе, секогаш останува последната опција, а таа е поднесување на комисиски амандмани, значи самата Комисија да ги предложи на утрешната седница. Доволно е да се усвојат со мнозинство од присутните (што значи со 6 гласа), но најмалку 1/3 од сите членови на Комисијата (ако не се сите присутни, може и со 5, а најмалку со 4 гласа).
Во Комисијата има 5 члена од ВМРО-ДПМНЕ, 1 од нивниот коалиционен партнер ЗНАМ, 1 од коалициониот партнер БЕСА, 2 од СДСМ, 2 од ДУИ.“ велат од О2 Коалицијата
Еко активистите се децидни, предложените амандмани се суштински и ја доуредуваат веќе предложената измена, граѓаните да бидат вклучени пред, а не откако одлуката е веќе донесена проектите да се оценуваат според јасни и целосни еколошки критериуми, загадувањето и емисиите да не можат да се кријат институциите и инвеститорите да имаат јасни и проверливи обврски, јавноста да има пристап до информациите, право на жалба и пристап до суд заштитата на животната средина да не остане само формалност на хартија.
АМАНДМАН I – Тешка и загадувачка индустрија
Реконструкција на постоечка Г1-инсталација на помалку од 5 km од населено или заштитено подрачје да може само ако има важечка А-интегрирана еколошка дозвола и ги исполни сите други законски обврски.
Со овој амандман јасно се одделува кој може, а кој не да изврши реконструкција. Неактивни и напуштени инсталации на тешка индустрија нема да можат да се рестартираат под изговор на реконструкција.
Забраната за нови Г1-инсталации останува.
АМАНДМАН II – Јавност и за еколошките елаборати
Елаборатите да се објавуваат пред да бидат одобрени, јавноста да има 15 дена за забелешки, институцијата задолжително да ги разгледа и да образложи што прифатила или одбила, а засегнатите граѓани и еколошките здруженија да имаат право на жалба.
Зошто е ова важно? Затоа што со елаборати се одобруваат и каменоломи, рудници, постројки за третман и преработка на пластика, хемиска индустрија, третман на опасен отпад, … кои може значително да загадуваат. А законот и со новиот предлог измени не предвидува јавноста, која ги трпи последиците, да биде вклучена пред да се одобри елаборатот.
АМАНДМАН III – Да не се избришат контаминираните подрачја од Законот
Да останат одредбите за идентификација, прогласување, управување и ремедијација на контаминирани локации, како и принципот „загадувачот плаќа“, сè додека оваа материја навистина не биде уредена со нов Закон за почви. Зошто? Затоа што овие членови кои се планираат да се избришат, се усогласени со новата Директива за почви и нема никакво оправдување да се избришат, кога нема друга законска одредба која ги заменува. Она што е потребно е најитно да се донесат подзаконските прописи, за да може да се спроведат.
АМАНДМАН IV – Споредливи и проверливи извештаи за животната средина
Да има споредливи национални и годишни општински извештаи, со иста единствена методологија, минимална содржина и показатели за загадувањето, притисоците, трендовите и мерките, и тие да бидат јавно објавени.
Да се задржи координативно тело за податоците, а МЖСПП да проверува усогласеност по однапред утврдени критериуми, наместо неодредено да ги „одобрува“. Со сегашната измена се брише правилникот кој треба да ги унифицира и пропише што треба да содржат извештаите. Бараме да остане.
АМАНДМАН V – Да се оценува целокупното влијание на проектот
ОВЖС задолжително да ги оценува и кумулативните влијанија, биодиверзитетот и заштитените видови и живеалишта, како и ранливоста на проектот на големи несреќи и катастрофи, како што тоа го бара Директивата, со која предложените измени се усогласуваат.
Не може да остане да се процени само влијанието на тој единечен проект, кој пример ќе го загади воздухот со 10 тона ПМ честички, водата со 500 кг загадувачка материја, итн., и утврди дека е прифатливо, а не ги земе предвид уште 10те загадувачки извори во тоа подрачје, кои заедно (кумулативно) испуштаат 500 тони ПМ во воздухот, 5 тони во водата, итн. Тој проект може да биде токму капката која ја прелева чашата.
АМАНДМАН VI – Јасни критериуми кој проект мора да оди на ОВЖС да бидат во Законот
Одлуката да не зависи од критериуми во подзаконски акт. Во самиот Закон да стои дека мора да се оценуваат големината на проектот, локацијата, кумулативното загадување, отпадот, ресурсите, здравјето, климатските ризици, близината до населени и заштитени подрачја и големината на влијанието.
Подазконскиот акт само подетално да ги обработи.
АМАНДМАН VII – Прво консултација, па конечна одлука за изземање од ОВЖС
Кај проекти за одбрана или цивилна вонредна состојба Владата прво да отвори постапка за можно изземање, потоа да следува јавна консултација, и дури потоа да се донесе конечна одлука.
Конечната одлука да биде објавена и еколошките здруженија да можат да поведат управен спор.
Сега се носи прво одлука на Влада за изземање, што нема смисла, јавноста да дава забелешки откако одлуката за изземање фактички веќе е донесена.
АМАНДМАН VIII – Да се знае од што тргнуваме и сценарио „без проект“
Пред проектот да се оценува, мора да се утврди постојната состојба на животната средина и што би се случило ако проектот воопшто не се реализира, како што бара Директивата.
Кога е потребна и оцена според прописите за природата, постапките да се координираат, исто барање на Директивата.
Без јасна почетна состојба не може точно да се измери што навистина ќе промени проектот.
АМАНДМАН IX – Минималните податоци од инвеститорот да бидат утврдени со закон
Во самиот Закон да стои дека известувањето мора да содржи податоци за целиот проект, локацијата, чувствителноста на подрачјето, емисиите, отпадот, природните ресурси и можните значајни влијанија.
Клучните информации за одлучување дали е потребна ОВЖС треба да се уредат со Закон, а правилникот потоа да ги обработи подетално.
АМАНДМАН X – Јавноста да учествува уште кога се решава дали ќе има ОВЖС
Пред Министерството да одлучи дека за некој проект не е потребна ОВЖС, документацијата да биде јавна и граѓаните да имаат 15 дена за забелешки. Министерството мора да ги разгледа и да објасни како постапило по нив. Рокот за жалба се зголемува од сегашни 8 на 15 дена.
Токму во оваа фаза се решава дали еден проект ќе помине низ целосна ОВЖС или не. Локалното население може да има важни информации за загадување и ризици кои инвеститорот не ги навел.
АМАНДМАН XI – Молчењето на институциите да не значи согласност
ОВЖС студијата да се доставува до сите релевантни институции според конкретниот проект, а ако некој орган не достави мислење во рок, тоа да не се смета за позитивно мислење или согласност.
Непостапувањето на институцијата не смее автоматски да работи во корист на проектот.
АМАНДМАН XII – Минималната содржина на ОВЖС студијата во самиот Закон
Законот да утврди дека студијата задолжително ги обработува алтернативите, базната состојба, директните и кумулативните влијанија, климата, здравјето, несреќите, емисиите, мерките за заштита и мониторингот, а не суштината да биде оставена на правилник, кој треба само да ги обработи подетално.
Основните елементи на квалитетна ОВЖС, согласно Директивата, треба да се уредени во самиот Закон.
АМАНДМАН XIII – Комисија со вистинската стручност за конкретниот проект
Комисијата што ја проверува ОВЖС студијата мора да има стручност соодветна на конкретниот проект. Ако Министерството нема такви експерти, задолжително да ангажира надворешен експерт.
Не смее да остане како сега, бројот на членови и годините работно искуство сами по себе да гарантираат дека некој е стручен за конкретната технологија и нејзините влијанија. Мора да се бара стручност за конкретниот проект за кој е изработена студијата и врз таа осонова да се бираат членовите.
АМАНДМАН XIV – Одлуката за ОВЖС да содржи конкретни обврски, а не само „одобрено“
Во решението по ОВЖС задолжително да стојат значајните влијанија, причините за одлуката, како се земени предвид забелешките на јавноста, мерките за заштита и мониторингот.
Инвеститорот да мора да ги спроведува мерките и најмалку еднаш годишно да доставува извештај од мониторингот, кој ќе биде јавно објавен.
Не е доволно проектот само да добие решение. Мора да биде јасно што точно инвеститорот е должен да прави и дали навистина го прави тоа.
АМАНДМАН XV – Податоците за емисиите не смеат да бидат деловна тајна
Изречно да стои дека доверливоста не може да се користи за сокривање информации за емисии релевантни за животната средина, согласно Архуската конвенција.
Јавноста мора да знае што и колку се испушта во животната средина.
АМАНДМАН XVI – Вистински јавни расправи
Јавниот оглас за расправата да биде објавен најмалку 15 дена однапред, расправата да биде достапна за засегнатите граѓани, да присуствува одговорниот експерт, а забелешките, заклучоците и видео-записот од расправата да бидат јавно објавени.
Јавната расправа не смее да биде формалност, затоа е потребно навремено информирање на јавноста. Треба да има доказ што било кажано и како институциите постапиле по забелешките на граѓаните.
Денешниот закон предвидува видео-запис, но сегашната измена тоа го брише.
АМАНДМАН XVII – Подзаконските акти за 6 месеци, наместо за 12
Рокот за донесување на потребните подзаконски акти да се скрати од 12 на 6 месеци, за Законот побрзо да почне реално да се применува.
Според информациите, собраниската Комисијата се состана и не ги поднесе комисиски амандманите кои ги предложија екологистите. На седницата беа само пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и БЕСА.
Од Левица имаа предложено 8 амандмани, само еден го прифатија, кој се поклопува со еден амандман на О2, а тоа е да останат членовите кои ги уредуваат контаминираните подрачја.
МЖСПП прифати да се измени членот за тешката индустрија, видеоизменет од нашиот, ВМРО-ДПМНЕ го предложи комисиски и го усвоија. Дополнението е да биде јасно наведено дека реконструкција е можна на индустрија само ако има важечка интегрирана дозвола и ако целта е да се усогласи со најдобри достапни техники. Екологистите реагираат и на тоа што од СДСМ, НСДП, ДУИ не се ни појавија на седницата.
И.П