1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИталијанската компанија „Монтанте груп“ ќе гради фабрика во Бунарџик

Италијанската компанија „Монтанте груп“ ќе гради фабрика во Бунарџик

monte-grup

Италијанската компанија „Монтанте груп“, која произведува механички делови, на почетокот на следната година ќе започне со градба на фабрика во ТИРЗ Скопје 1 – Бунарџик.

Изградбата би требало да заврши до крајот на мај или почетокот на јуни следната година, по што ќе следи инсталација на опремата и обука на вработените.

Договорот за реализација на инвестицијата го потпишаа Клаудија Нидро од Монтанте груп и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.

Фабриката ќе се гради во неколку фази на локацијата со површина од 49 илјади метри квадратни, а во првата фаза е предвидено да бидат вработени 100 луѓе кои ќе бидат оспособени за производство со висока технологија.

„Се одлучивме да ја комплетираме оваа инвестиција не толку поради државната помош, туку заради вниманието што им го дава Владата на сите фирми кои инвестираат тука за развој“, рече претседателот на Монтанте груп, Антонио Монтанте по потпишувањето на договорот.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека во првата фаза се предвидува да бидат инвестирани 10 милиони евра и во компанијата да се вработат 100 луѓе, а во наредните фази нивниот број да се зголеми на 350 до 400.

„Компанијата ќе произведува софистициран производ од најновата и најнапредната технологија и се очекува извозот веќе во првата фаза да надминува 30 милиони евра годишно“, рече Мизо.

Монтанте груп е една од првите три компании во Европа за производство на високо софистицирани амортизери за возови, шински возила, камиони и автобуси, а нивната компанија во Македонија ќе функционира под името „Јуроп шок апсорберс“ и веќе е регистрирана. Мултинационалната италијанска компанија има 2.300 вработени и годишен обрт од 800 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП