6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИванов на отворањето на 21-от Самит за климатски промени во Париз

Иванов на отворањето на 21-от Самит за климатски промени во Париз

ivanov 222

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во понеделник ќе учествува на отворањето на 21-от Самит за климатски промени COP21, што се одржува во Париз од 30-ти ноември до 11-ти декември 2015-та година.

Иванов ќе се обрати на главната сесија на лидерскиот сегмент на Самитот за климатски промени. Самитот ќе биде свечено отворен од претседателот на Франција, Франсоа Оланд и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун.

Во рамки на самитот, македонскиот претседател ќе присуствува и на работниот ручек, кој го приредува претседателот на Франција, Франсоа Оланд и министерот за надворешни работи Лорен Фабиус.

На Парискиот самит за климатски промени, COP21, се очекува за прв пат после 20 години преговори во ОН, да се усвои правно обврзувачки меѓународен договор за борба против климатските промени, чија цел e глобалното затоплување да не биде поголемо од 2°C.

На Самиотот за климатски промени, своето учество го потврдија околу 150 шефови на држави и влади од целиот свет, меѓу кои претседателот на САД, Барак Обама, претседателот на Кина, Си Џинпинг, претседателот на Русија, Владимир Путин, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердогaн, претседателот на Египет, Абдел – Фатах ел-Сиси,  претседателот на Бразил, Дилма Русеф, претседателот на Јужна Африка, Џакоб Зума, премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, германската канцеларка, Ангела Меркел, британскиот премиер, Дејвид Камерон, премиерот на Индија, Нарендра Моди, повеќе претседатели од соседството и регионот, како и високи претставници на ЕУ, ОН и други меѓународни организации.

Македонија е земја-потписник на „Рамковната конвенција на ОН за климатски промени“ (UNFCCC) и на „Протоколот од Кјото“. Воедно, Македонија има пристапено кон „Записот од Копенхаген“ и доставено листа на неквантифицирани активности за ублажување на климатските промени.

Во пресрет на учеството на претседателот Иванов на Конференцијата во Париз, во Кабинетот на македонскиот претседател се одржа Седница на Националниот совет за одржлив развој, на која претседателот Иванов порача дека Македонија се залага за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор, што ќе биде применлив за сите земји, односно договор кој ќе содржи конкретни активности за ублажување на последиците од климатските промени и адаптација кон климатските промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП