Македонија е во преговори со повеќе компании за изградба на првите посериозни кинески производствени капацитети во земјата, изјави премиерот Никола Груевски во интервју за весникот China Daily.
Премиерот Груевски, за водечкиот кинески весник на англиски јазик, изјави дека во тек се разговори со една кинеска компанија заинтересирана за инвестиција од 140 милиони евра, со која би се отвориле 1.400 работни места во Македонија, пренесе државната агенција МИА.
„Во моментов немаме многу кинески инвеститори со гринфилд фабрики. Нашите гринфилд инвеститори се главно од Германија, САД и Британија, потоа Италија, Белгија и други земји. Од Кина се уште немаме таква значителна инвестиција, со градење нова фабрика, производство на некој производ и негов извоз. Но, во моментов сме во дискусии со неколку такви компании. Пред два дена се сретнав со една таква компанија која планира да инвестира во Македонија, за инвестиција од 140 милиони евра со која би се отвориле 1.400 работни места. Има и други компании кои сакаат да дојдат. Овие компании ни рекоа дека имаат препораки од компании на кои им ги продаваат своите производи, изјави премиерот Груевски во интервјуто.
Премиерот, кој престојуваше во Пекинг за самитот на Кина со земјите од средна и источна Европа, додава дека во тек се разговори со кинеската Влада и коморите за можност да се отвори ексклузивна кинеска индустриска зона во Македонија.
„Има многу компании заинтересирани за инвестирање во Македонија. Во моментов разговараме со најмалку десет кинески компании кои изразија сериозни намери за проекти и инвестиции во Македонија“, рече Груевски.
Тој истакна дека Македонија и понудила на кинеската влада, доколку биде потребно, да се создаде една зона во која ќе бидат поканети кинески компании да инвестираат во Македонија под посебни услови.