Вкупниот промет на Македонската берза во средата изнесуваше солидни 12 милиони денари, остварен преку 84 трансакции, при што тргување имаше со 18 хартии од вредност.
Индексот МБИ-10 по пет дена раст, во средата го забележа првиот пад и тоа за 0,53% со што заврши на 1.778,73 поени, додека индексот на обврзниците ОМБ порасна за 0,26 отсто, и има вредност од 128,11 поени.
Најтргувани беа акциите на „Алкалоид“, „Стопанска банка Скопје“ и „Комерцијална банка“, кои заеднички имаа промет од преку 8 милиони денари, или речиси две третини од вкупниот промет. Кај „Алкалоид“ со истргувани 711 акции по цена од 5.433,08 денари имаше намалување на вредноста од 0,24 отсто, додека кај „Комерцијална банка“ беа реализирани 798 акции по цена од 2.215,12 денари, при што вредноста на акцијата се намали за 1,36 проценти. Единствено акцијата на „Стопанска банка Скопје“, при зголемен обем на тргување имаше раст на цената за 0,39 отсто. Конкретно, беа истргувани 6.398 акции по цена од 390,53 денари.
Промет поголем од милион денари имаше и со обврзницата РМДЕН14, каде преку една трансакција се истргуваа 24.750 обврзници по цена од 94,80 отсто од номиналната вредност.
Апосолутни добитници на денот беа акциите на „Адинг“ и „ТТК Банка“. „Адинг“ со истргувани 60 акции во една трансакција забележа пораст од 18,97 отсто и просечна цена од 345 денари, додека „ТТК Банка“ со 9 акции порасна 8,91 отсто, и достигна цена од 599 денари по акција.