Претседателот на Европската комисија (EK) Жан Клод Јункер, изјави дека „шенгенскиот систем“ е загрозен и предупреди дека доколку тој пропадне, ќе го повлече со себе и еврото.
Јункер ги повика лидерите на Европската унија да го спасат „шенгенскиот систем“, кој е загрозен поради заканата од терористичките напади и доаѓањето на стотина илјади бегалци.
Тој додаде дека „единствената валута нема да има смисла доколку шенгенската зона пропадне“.
Безвизниот режим во 30 европски земји, познат како „шенгенски систем“ се најде во последните месеци во опасност поради затворањето на границите, зајакнувањето на безбедносните мерки и подигнувањето на огради на границите, пренесува агенцијата АП.
Јункер им порача на пратениците во Европскиот парламент: „Потребно е оние кои веруваат во Европа, во нејзините вредности, нејзините принципи и нејзината слобода, да се обидат да го оживеат духот на Шенгенот“.
Претседателот на ЕК истакна дека не треба да се мешаат екстремистите и бегалците и додаде дека многу мигранти бегаат токму поради тие луѓе кои на 13-ти ноември извршија терористички напад во Париз, во кој загинаа 130 лица.