1 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБлаг пад на Волстрит

Благ пад на Волстрит

berza1

Цените на акциите на Волстрит паднаа во понеделникот во внимателно тргување, по силниот раст во минатата недела, а инвеститорите не ги импресионираше ниту рекордното преземање во фармацевтскиот сектор.

Dow Jones ослабна 31 поен, или 0,17 отсто, на 17.792 поени, додека S&P 500 се спушти за 0,12 отсто, на 2.086 поени, а Nasdaq се спушти за 0,05 отсто, на 5.102 поени.

Неколку дена пред Денот на благодарноста, кога во САД не се работи, инвеститорите се воздржани, поради што обемот на тргување беше мал.

Инвеститорите се внимателни откако минатата недела цените на акциите скокнаа за над 3,3 отсто, а S&P 500 индексот забележа најголем дневен скок за една година.

„По неделата во која цените на акциите силно скокнаа, инвеститорите не беа импресионирани од новите макроекономски показатели, а некои дури и предизвикаа стравување од побавен економски раст од што се мислеше“, рече Стивен Масока, директор во фондот  Wedbush Equity Management.

Во октомври продажбата на постоечки куќи во САД падна, што укажува на одредени слабости на пазарот на недвижнини по претходниот силен раст.

PMI индексот на преработувачкиот сектор, пак, на почетокот на ноември се најде на најниско ниво за 25 месеци, што укажува на продолжување на слабата активност во индустрискиот сектор.

А со оглед дека во декември се очекува зголемување на каматите на Фед, прв пат од 2006 година, вчера под најголем притисок се најдоа сектори чувствителни на кревање на каматите. Најмногу за околу 1 отсто паднаа акциите во комуналниот сектор, по што следеа телекомуникациите.

Од друга страна, меѓу најголемите добитници, со просечен раст од 0,7 отсто, беа акциите во енергетскиот сектор бидејќи сопре падот на цената на нафтата, откако Саудиска Арабија порача дека е подготвена да преговара со останатите големи производители на „црното злато“ со цел да се стабилизираат цените.

Под притисок се најдоа акциите на Pfizer и Allergan бидејќи најголемото преземање во историјата на фармацевтската индустрија, вредно 160 милијарди долари, ќе доведе до помали заштеди од што првично се проценуваше.

„Вчера беше досаден ден, ако немате никаква врска со преземањето на Allergan од страна на  Pfizer . Доколку тоа го оставите на страна, берзата денеска немаше насока, а по силниот раст во минатата недела, не изненадува надолната корекција“, вели Брајан Фенске, директор во компанијата  ITG.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП