2 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСилен раст на азиските берзи, доларот слабее

Силен раст на азиските берзи, доларот слабее

berzi

На азиските берзи во четвртокот цените на акциите силно пораснаа, како и во средата на Волстрит, бидејќи американската централна банка Federal Reserve (Fed) е сé поблиску до зголемување на каматите поради што вложувачите заклучуваат дека нејзините челници се уверени дека економијата ќе продолжи стабилно да расте.

На токиската берза индексот Nikkei во четвртокот во претпладневното тргување беше во плус од 1 отсто, додека цените на акциите во Сингапур, Шангај, Јужна Кореја, Хонгконг и Австралија пораснаа меѓу 0,1 и 2 отсто. Благодарејќи на тоа, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции без јапонските во претпладневното тргување беше во плус од 1,5 отсто.

Азиските вложувачи ги охрабри скокот на цените на акциите на Волстрит во средата за повеќе од 1,4 отсто, откако беше објавен записникот од октомвриската седница на Fed кој покажа дека челниците на американската централна банка се залагаат за зголемување на каматните стапки веќе во декември.

И додека цените на акциите вообичаено паѓаат по најавите за зголемување на каматите, бидејќи тоа ги зголемува трошоците на кредитирањето, сега инвеститорите заклучиле дека зголемувањето на цената на парите покажало дека челниците на Fed се уверени дека наскоро ќе ги постигнат своите цели, односно полна вработеност и инфлација во близина на 2 отсто.

По објавувањето на записникот на Fed, движењето на терминските каматни стапки покажува дека трговците проценуваат дека постои 72 отсто изгледи дека каматните стапки ќе бидат зголемени во декември, додека пред објавата изгледите изнесуваа 60 отсто.

Седум години клучните каматни стапки на Fed се движеа на рекордно ниско ниво, близу нула проценти, што го поддржуваше евтиното кредитирање и растот на цените на акциите. Иако следува зголемување на каматите во декември, инвеститорите веруваат дека натамошниот раст на цената на парите би бил многу бавен и дека би зависел од идните економски показатели.

А откако ноќта во средата, непосредно по објавувањето на записникот на Fed, порасна, во четвртокот претпладнето падна курсот на американскиот долар на валутните пазари.

Цената на американската валута во однос на јапонската се движи околу 123,25 јени, откако во истиот период од денот во средата достигна 123,67 јени, што е највисокото ниво во последните три месеца. Американската валута, пак, слабее во однос на европската, па цената на еврото порасна од вчерашните 1,0615 долари, најниското ниво во последните седум месеци, на 1,0705 долари.

Цените на нафтата, пак, стабилно се движат околу нивоата од средата. Во четвртокот претпладнето на американскиот пазар цената на барелот се движи околу 41 долар, како и во средата во истиот период од тргувањето, додека на лондонскиот пазар барелот поскапе за 50-ина центи, на 44,50 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП